Американската кошаркарска репрезентација триумфира со 98-87 во финалето на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз против домаќинот Франција и го освои златниот медал.
Двете екипи понудија одлична кошарка во првата четвртина, а Американците ја добија со 20-15, по што следеше нова драма на почетокот на вторите 10 минути кога Франција поведе со 27-26. Водството на домаќинот не траеше долго затоа што САД набрзо влезе во одличен ритам и на паузата замина со осум поени разлика (49-41).
Американците беа сигурни во третата четвртина до самиот финиш, но потоа Франција со мини-серија намали на само шест поени негатива (66-72) пред решавачките 10 минути. Домаќинот намали и на само три поени во последната четвртина, меѓутоа почнаа грешките во нападот, а тоа го искористи Стеф Кари кој погоди неколку тројки за триумф на САД од 98-87.
Виктор Вембањама беше најефикасен кај Франција со 26 поени, седум скокови и две асистенции, додека Кари постигна 24 поени, еден скок и пет асистенции за САД, но блесна со дури осум погодени тројки против Французите.