Home » Караниците за уставните судии ќе се преселат на пленарна седница?

Караниците за уставните судии ќе се преселат на пленарна седница?

by Журнал.мк

Се планира да се свика Комисијата на која ќе поминат предлозите за уставни судии на опозицијата и топката да се префрли на пратениците, каде што тие нема да поминат бидејќи мнозинство има власта.

Молк од претседателот на Собранието Талат Џафери дали ќе ја закаже Комисијата за избори и именувања, надлежна за предлози за уставни судии, и покрај жестоките критики од претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска дека пратениците се несериозни со неизборот на четири нејзини колеги. Неофицијално, можно е Џафери да закаже седница на Комисијата за да ги тргне обвинувањата дека тој го кочи изборот на судиите.

И ВМРО-ДПМНЕ побара Џафери да ја свика Комисијата, на која ќе понуди предлози за нови уставни судии. Од СДСМ барат решение, но додаваат дека Комисијата не може да заседава без дневен ред и без мнозинство на власта во тоа работно тело. Во игра е опцијата да се свика Комисијата, на која ќе поминат предлозите на опозицијата и топката да се префрли на пленарна седница, каде што власта нема да ги гласа уставните судии предложени од ВМРО-ДПМНЕ.

Кацарска: Несериозно е да работиме со пет судии
Како што веќе објави „Слободен печат“, ако продолжат надмудрувањата меѓу власта и опозицијата, на Уставниот суд во декември му се заканува клуч на врата, бидејќи и на петтиот од деветте судии му истекува мандатот. Кацарска праша дали работата на Уставниот суд во речиси преполовен состав му одговара некому во парламентот и предупреди дека на Уставниот суд во декември му се заканува целосна блокада ако Собранието не го откочи изборот на судиите.

– Односот на пратениците е несериозен, како да не ја сфаќаат улогата на Уставниот суд. Се прашувам дали некому му одговара Уставниот суд да е во ваква ситуација. Единствена надлежност што ја има Уставниот суд е да се обрати до Собранието. Уставниот суд во април се обрати до парламентот дека на тројца судии им престанува мандатот, а во ноември јас го информирав претседателот на Собранието Талат Џафери дека уште на еден судија му престанува мандатот. Упатив и писмо со апел да се изнајде начин да се изберат овие судии – рече Кацарска.

Претседателката на Уставниот суд објасни дека можат да работат и со пет судии, но тежината на одлуките што ги носат е поинаква ако за одлуките дискутираат девет судии. Таа рече дека е среќа што засега немаат предмет за кој е потребно двотретинско мнозинство.

– Несериозно е одлука за указите за Преспанскиот договор и Законот за употреба на јазиците, на кои им е оспорена уставноста, да донесат само пет судии – вели Кацарска.

СДСМ: Комисијата да добие нов претседател од СДСМ
Од власта велат дека без договор за мнозинство во Комисијата, не може да има седница за избор на уставните судии и за блокадата ја обвинуваат опозицијата. Според СДСМ, Комисијата треба да добие нов претседател од СДСМ, откако Костадин Костадинов стана градоначалник и Фадил Зендели треба да замине откако Беса прејде во опозиција.

– Опозицијата бара продолжение на закажаната седница во мај, но на таа седница изборот на уставните судии се прескокна, бидејќи немаше предлози. Не може да се расправа за избор на судии ако нема предлози од партиите. Нема да дозволиме со Зендели опозицијата да нè надгласа во Комисијата каде што власта треба да има мнозинство – велат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се со спротивно тврдење.

– Не е точно дека нема материјали за таа седница. Џафери нека ја закаже Комисијата, па на самата седница ќе се предложат кандидати за нови судии. Ние имаме предлози, нека достави и СДСМ, па ако се прифатливи, може нивните кандидати да ги поддржиме. На седницата бараме да се доекипираат комисиите што остана без претседатели по изборот на пратеници за градоначалници, како и избор на членови на комисии каде што има потреба за тоа – рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Од опозициската партија не откриваат кои се нивните предлози за уставни судии. За барањето да се свика Комисијата, ВМРО-ДПМНЕ се повикува на членот 120 став 5 од Деловникот, односно за најмногу пет дена да се закаже седница, а во итни случаи може и побрзо. Во спротивно, од опозицијата велат дека ќе се види дека власта го кочи изборот на уставните судии и најавија нови активности.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More