Независно и ефикасно судство ама само ако има свои пари и е финансиски независно од сите власти. Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски бара судската власт да има свој независен буџет за да можат судовите независно да функционираат.Како што појаснуваат челници од судскиот систем, судството е во колапс. Има дефицит на судии, но и луѓе од судската служба. Не само што судовите работат со половина број судии од потребниот, дополнителнo од утре 200 хонорарци, остануваат без договори. Камбовски вели дека постојано се во контакт со Министерството за финансии и од нив бараат повеќе пари. Судовите не се само згради, потребен е и кадар, како и опрема, подвлекува Камбовски.
Изминативе години ниту еднаш, судството не ги добило предвидените 0,8 % од буџетот. Максимум, за судството досега биле издвојувани 0,38%. На иста линија со Камбовски е и претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев.
Да се дадат пари, да се реформира судството, но да нема промени во кадрите. Камбовски е дециден дека оставки во судскиот совет не значат реформи. Според него, потребна е интервенција во законските решенија и намалување на мандатите.
Инаку, пред неколку дена министерот за правда, Игор Филков информираше дека дел од законите на реформската агенда за судството се во финална фаза. Завршени се предлог законите за судскиот совет, Обвинителство, Кривичниот законик, за платите на обвинителите и за судска служба. Во подготвителна фаза е законот за судскиот буџет и се уште не е дефинирано дали финансирањето на судството ќе остане под капата на Владата, или ќе има измени.