Home » Како рецесијата во Германија ќе се одрази врз нашата земја

Како рецесијата во Германија ќе се одрази врз нашата земја

by Журнал

Најголемата европска економија доживеа пад. Германија е во рецесија откако економијата се намали за 0,3 проценти во 2023 година.
Германскиот бруто-домашен производ (БДП) се намали за 0,3 проценти лани. Ова се прелиминарните бројки на Федералниот завод за статистика, што укажува дека најголемата европска економија е во континуирана рецесија.

Статистиката не сигнализира дека претстои брзо закрепнување на германската економија, се предупредува во извештајот на Министерството за економија на земјата.

Европските економски аналитичари очекуваат дека проблемите сѐ уште не се завршени, а прогнозираат дека Германија нема да забележи раст во 2024 година. Тие велат дека рецесиските услови што се одолжуваа од крајот на 2022 година се чини дека ќе продолжат и годинава.

Со децении Германија беше економскиот мотор на Европа, која со својата отпорност го влечеше целиот регион од многу кризи. Наедно таа е и најголем трговски партнер на Македонија. Сето тоа укажува дека расте опасноста германската рецесија да влијае на забавувањето на економијата на Македонија, но и на целиот регион.

– Постои една поговорка што гласи „ако во Германија има вирус, во Македонија добиваат бронхитис“. Ова на еден симболичен начин ја покажува економската поврзаност со европскиот пазар, а особено со СР Германија, како наш најголем трговски партнер. Затоа случувањата во европската, а особено во германската економија, сигурно ќе се одразат и на нашата економија – потенцира Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија.

Тој додава дека, и покрај сѐ, треба да имаме предвид дека тоа ќе се разликува од дејност до дејност и од компанија до компанија. Дејностите кај кои учеството на извозот во овие земји е незначително од вкупниот извоз или вкупното производство не би требало да имаат поголеми проблеми. Исто така компаниите што имаат долгорочни врски со странските компании и кои имаат конкурентски предности во однос на компаниите од опкружувањето или другите земји не би требало да имаат поголеми проблеми во пласманот.

– Најголем проблем би имале компаниите што продаваат производи за крајна потрошувачка и немаат долгогодишна традиција на овие пазари. Од друга страна, голем број наши компании, поради недостигот од стручен кадар, имаат намалување на своите производствени капацитети, па оттаму намалувањето на побарувачката на стоки на овие пазари не би преставувало поголем проблем за пласманот на производите. Теоретски земено, Македонија како мал производител не би требало да има поголеми проблеми за извоз на странските пазари. Но сепак, гледано во просек, сигурно можеме да очекуваме одреден пад на извозот во овие земји – укажува Димитров.

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски, вели дека неповолните перформанси на германската економија може да се прелеат и во домашната економија, најмногу на побарувачката за македонски производи што се извезуваат таму. Дополнително, таа криза може да влијае и на финансиските текови, бидејќи Германија е наш клучен трговски партнер.

– Ефектите од слабеењето на германската економија сигурно ќе одразат врз нашата економија, првиот канал е преку надворешнотрговската размена, со оглед дека околу 50 отсто од вкупниот извоз е насочен кон Германија и речиси целосно зависен од автомобилската индустрија. Сметам дека ќе влијае и на инвестициите, сепак Германија еден од најголемите инвеститори во Македонија. Исто така, моја претпоставка е дека може да се одрази и врз дознаките, но тоа може да го потврдиме само во иднина – посочува Ангелоски.

Тој смета дека како една од мерките со кои може да се превенира за да не се одразат кризите на ЕУ врз економската состојба на нашата земја е да не се потпираме само на еден пазар, а тоа е пазарот на ЕУ, туку да го прошириме портфолиото и да излеземе на други пазари во светот.

– Примарни пазари за македонските извозни компании се пазарите во ЕУ, што поради секоја криза се покажа како доста ранлив сегмент. За мала економија како нашата извозот е еден од начините за влез на поголем капитал и поради тоа, покрај зголемување на бројот на компании и продукти што би се извезувале, неопходно е да се бараат и нови пазари за пласман – посочува Ангелоски.

Како што додава тој, потребни ни се промоција и брендирање на нашите македонски производи. Но, пред сѐ, да се вклучи целокупниот инструментариум на државата и бизнис-секторот и во синергија да се зголеми конкурентноста на македонските производи!

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More