Home » Како модната дизајнерка Мирјана Јосифоска придонесува за почисто Тетово ?

Како модната дизајнерка Мирјана Јосифоска придонесува за почисто Тетово ?

by Журнал

Од парчиња текстил кои остануваат кога се создава облека, младата Мирјана Јосифоска од Тетово прави шапки, па освен што развива свој бизнис, ја спасува и природната околина. Наместо текстилните остатоци да завршат на депонија или да бидат изгорени, се искористуваат за нов производ.

Младата тетовка размислувајќи целисходно, дошла до заклучок дека од текстилните остатоци најдобро е да се прават шапки, кои по големина се мали производи. Така и од мал остаток од некоја ткаенина, успева да создаде нов убав производ и заработува.

Мирјана вели дека е единствен производител на шапки во државата, а за оваа иновативност веќе добила и повеќе високи износи на парични награди што ѝ се доделени за развој на нејзината бизнис идеја. Таа е пред самиот крај на универзитеско образование за моден дизајн, а има завршено и едногодишна академија.

– Како малечка многу сакав да цртам. Во книгите и тетратките на училиште цртав женски тела и балерини. На 13-14 години сакав да носам облека која не можев да ја најдам тука па тогаш посакав сама да научам како се шие. Гледав на интернет и си реков чекај ќе пробам јас да си сошијам сама, па ги натерав моите да купат машина за шиење и така почнав – се потсетила Мирјана на детството и како се родил интересот за дизајн на облека.

Иако тогаш сфатила дека е многу тешко да се шие, особено да се прави конструкција на облека со шиење, не се откажала од ова нејзино хоби кое подоцна станува и професија. Некоја година подоцна почнала да оди на курсеви за моден дизајн и конструкција за облека, а воедно дизајнирала. Цртала разни видови гардероба, шиела, експериментирала. Следувал и периодот кога се запишала на факултетот за моден дизајн каде се запознала со можноста за одржливост-односно повторно употреба на остатоци од текстилните материјали со цел намалување на количини на отпад.

– Бев на работилница Sustainable story (Одржлива приказна) каде ни дадоа остатоци од фабриките и целта беше да создадеме некој производ од нив што после ќе биде претставен на ревија. Имав колекција со облека која се викаше „Спомен за еден град“ и беше инспирирана баш од Тетово. За проблемите што ги има градот, со загадување како и иселување на младите. Колекцијата ја илустрирав со манекенка со актовка на која пишуваше ‘странство’ – покажувајќи на појавата на младите кои ‘бегаат’ во странство, при што вметнав и шапки. Правејќи ги шапките ми беше интересен процесот на изработување и сфатив дека кај нас нема таква изработка. Истражив и затоа се насочив на изработка на шапки. Сфатив дека е многу интересно, поразлично е од облека да дизајнираш и можеш да се диференцираш од другите – открива Мирјана за МИА како се родила и идејата за шапки.

Есента во 2021 година веќе имала неколку модели на шапки со кои се претставила на моден викенд во Скопје. Тие модели биле како првични идеи, се потсетува дека сè уште не биле добро изработени и сошиени, но направено со цел да ја развива идејата и да види како ќе одговори пазарот на овој предлог на шапки од текстилни остатоци.

Младата студентка се охрабрила и во 2022 година со грант од владините мерки за самовработување почнува да изработува и да продава шапки. Ова е една од идеите кои имаат иновативен и еколошки карактер, кои се помогнати од инвеститори за забрзување на развојот на фирма, па одлучува да се пријави на такви натпревари и програми. На крајот на истата 2022 година со својата иновативна и еколошка идеја учествува на акцелераторска програма Up Lift Balkan наменета за млади бизнис и освојува 4.000 евра. Слична поддршка добива и од Универзитетот на Југоисточна Европа каде добива парична награда за забрзување на развојот на во категоријата зелени бизниси предводени од жени. Во октомври 2023 година победи на регионалниот балкански натпревар за зелени идеи, каде нејзиниот бизнис доби поддршка од 10 илјади долари за унапредување.

На крајот на годината во декември почнува и акцелераторска програма која е организирана од владината администрација на Соединетите американски држави (САД) и Универзитетот Аризона.

– Тоа беше програмата GIST Inovates the Balkans каде бевме 12 старт-апи, прво со обука во Косово, па девет недели онлајн работа со ментори од САД. На крај имаше шест од нас бевме на голем настан во САД (Venture devils demo day) каде ги презентиравме идеите. И тука добив парична награда, но морам да потенцирам дека искуството коешто го добив од американскиот начин на работа е уште поголема вредност која имав прилика да ја стекнам. Научив многу за еден различен и успешен модел на развој на бизнис во САД – вели Мирјана, која е родена во 1999 година.

Нејзината идеја и понатаму добива поддршка од други програми. Актуелна е нејзината пријава на програма во Германија во полето на циркуларна економија, каде меѓу номинираните 20 бизниси, само нејзината и уште една од Србија се единствени од балканските земји. Сега очекува да заврши процесот на оценување од страна на жири и гласање на интернет, а главната награда носи дури 25.000 евра.

За изработка на шапките, материјал има повеќе од доволно, вели Мирјана. Таа прочитала во статистичките податоци дека се создаваат 9.000 тони текстилен отпад во текстилните фабрика секоја година во Македонија.

– Земам материјал што претставуваат остатоци од искористен текстил во фабрики, со нив контактирам и ги набавувам од кај нив. Има голем број производствени погони, па имаат и многу остаток, од 15 отсто до 50 отсто имаат остаток од материјалите кои го употребуваат за да произведат облека. Сметам дека нема соодветен систем за менаџмент со отпад од текстил и нашава мисија е да влеземе помеѓу тој процес, со тоа што ние би го откупиле тој отпад за да создадеме производи. И добрата работа за шапки е што има потреба од помалку материјал. И затоа е совршено да ги земаме остатоците. Кога би работеле нешто поголемо би било покомплексно. Не може да се направат палта на пример – објаснува младата модна дизајнерка.

Кроење на материјалите за шапка е меѓу помалите предизвици со кои се соочува ако се помали парчиња. Но тука доаѓа до израз креативноста и способноста, особено ако станува збор за рачна изработка. И за парчињата текстил кои остануваат при правењето шапки, Мирјана наоѓа начин да се искористат-создава стегачи за коса.

Сега веќе прави девет модели на шапки со три големини. Карактеристично што шапките ги нарекува инспирирана за дизајнот според женски ликови-примери се Дениција инспирирана од ликот на Дениција од стихозбирката на Петре М. Андреевски, Софија Лорен, Анита Екберг и други.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More