Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, пристигнува во Македонија. Нејзината посета е дел од нејзината тридневна турнеја низ Западен Балкан, за време на која таа ќе ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и ќе упати пораки за приоритетите на ЕУ во надворешната политика и безбедноста, соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје.
За време на посетата на Македонија, Калас ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски и членови на владата. Заедно со министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и министерот за одбрана Владо Мисаиловски, Калас ќе учествува на отворањето на дијалогот за безбедност и одбрана меѓу ЕУ и Македонија во Министерството за надворешни работи.
Калас и министерот за одбрана Мисаиловски ќе ја посетат Балканската медицинска работна група во касарната „Илинден“, каде што ќе се сретнат со членови на Постојаната организација на Балканската медицинска работна група.
Од 2023 година Оттогаш, Советот усвои три билатерални пакети за поддршка во рамките на Европскиот мировен фонд за зајакнување на капацитетот на северномакедонската армија. Со вкупно 38 милиони евра, Европскиот мировен фонд моментално ѝ обезбедува на Македонија воена опрема и обука во областите на логистика, инженерство, разузнавање, мобилност, комуникациски и информациски системи, медицинска опрема и опрема за обука.
Македонија е исто така корисник на поддршка од Европскиот мировен фонд во рамките на мерката за регионална помош за Балканската медицинска работна група во износ од 6 милиони евра за обезбедување медицинска опрема и теренски болници.
Посетата на високата претставничка Калас ќе заврши во Куќата на Европа, каде што таа ќе зборува пред група млади луѓе.