Home » Кај што нема биолошка терапија на Онкологија – нема ни кадар

Кај што нема биолошка терапија на Онкологија – нема ни кадар

by Журнал.мк

Со месеци, од минатото лето до ден денешен, Клиниката за онкологија е со намален број медицински сестри, лекари, физичари, но и административци. Министерството за здравство треба да вработи 50 луѓе на овие позиции за да се доведе Клиниката на некое минимално ниво на подготвеност. Министерството за финансии треба да даде одобренија за овие вработувања, што пред Нова Година уште не беше финализирано иако ветувањата за вработувањата беа испраќани кон јавноста и пациентите со рак уште во јули.

Од вчера во Клиниката за онкологија поради несоодветно планирање на количините и лошо проектирање на потребните пари одеднаш снема биолошка терапија Atezolizumab (Tecentriq), Bevacizumab (Avastin), Palbociclib, Ribociclib, Fulvestrant, Cetuximab а постои голема можност во брзо време да снема Trastuzumab emtansine (Kadcyla), Nivolumab, Cobimetinib и Vemurafenib. Причината за недостигот е системска неодговорност и недоволно буџетирање за да се задоволат потребите на пациентите.

Секоја година барем двапати, независно од тоа кој е директор, снемува биолошка терапија. Количините лекови се исцрпуваат, а нови не се земаат како во минатото на реверс бидејќи тоа е незаконски. Во меѓупериодот, пациентите се оставени на немилост.

Нема начин самите да си ги купат лековите, дури и кога би биле подготвени да издвојат илјадници евра од сопствениот џеб, со исклучок на некои таблети што може да ги набават во Србија.

Клиниката постојано се соочува со поголем и поголем број на пациенти, но планираните буџети што се доделуваат не растат правопропорционално. Пациентите инсистираат биолошките лекови веднаш, во најскоро време без да се чека и одолговлекува со години, да се стават на позитивната листа на лекови.

Во Македонија нема регистар за да може точно да се определи колку пациенти треба да примаат одредена терапија што покажува колку е длабински проблемот со неодговорното планирање. Системот не се ни труди да направи исчекор напред, а доказ за тоа е што секои 6 месеци се јавува ваков период на стравување, недостаток и пациенти оставени на цедило. Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски на предновогодишен брифинг со новинарите најави идеја – лековите што се под 100 денари да се отстранат од позитивната листа и ослободените пари на таков начин да се алоцираат за поскапа терапија меѓу која е и онколошката. Но сите овие процеси одземаат време, а пациентите со рак немаат време за чекање. Секое вакво одолговлекување негативно влијае на нивното чувство на сигурност.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk