Автомобилите губат од својата оригинална вредност со секој поминат ден од почетокот на експлоатацијата, но првите неколку години се тие кои намалуваат најголем процент од инвестицијата која е направена за купувањето.
Остаточната вредност по 4-5 години е многу важна за купувачите кои планираат да го заменат автомобилот со нов, односно да реинвестираат во понов модел, па затоа и експертите од авто-индустријата често посветуваат внимание на факторите кои влијаат, но и конечните бројки поврзани со актуелните модели на пазарот.
Експертите на „Iseecars“ направија вреднување на актуелната понуда во Соединетите Американски Држави како втор најголем пазар во светот и ги истакнаа автомобилите кои овозможуваат најголема и најмала остаточна вредност, а исто така потенцирани се и брендовите кои имаат најдобар просек. Иако во ранкинзите има и модели кои не се дел од европската понуда, во игра се и автомобили од чиј квалитет и остаточна вредност може да се профитира и во овој регион.
Пресметката е направена за период по пет години користење, а просечната остаточна вредност на 7,7 милиони автомобили опфатени во пресметката била 49,6 проценти.
Меѓу моделите, најдобар пласман обезбедил Jeep Wrangler кој со класичната и Unlimited изведбата е на првите две позиции, откако по пет години сопствениците ќе загубат 30, односно 31,5 проценти од оригиналната вредност. Следуваат Toyota Tacoma (32,0%), Toyota Tundra (35,9%), Toyota 4Runner (36,5%) и Porsche 911 (37,2%), а во Топ 10 се уште и Honda Ridgeline, Nissan GT-R, Nissan Frontier и Subaru Impreza WRX.
– Jeep Wrangler е модел познат по својата цврстина, издржливост и безвременски дизајн. Со оглед на лојалните фанови на брендот, побарувачката секогаш ја надминува понудата на пазарот на користени автомобили и тоа влијае на високата вредност на Wrangler, вели Фонг Лу од „Iseecars“.
На спротивната страна се луксузни модели и електрични автомобили кои барем во ова истражување, задржуваат најмалку од својата оригинална вредност. Лидер е Maserati Quattroporte со 72,2%, пред BMW 7 Series со 71,3% и Nissan Leaf со 71% загубена вредност.
– Луксузните автомобили губат на својата вредност бидејќи нивните сопственици сакаат да ги продадат кога веќе не се актуелни, а купувачите на користени автомобили не сакаат да платат премиум цена во таква ситуација. Истовремено тие се скапи за одржување и тоа дополнително влијае на помалата остаточна вредност. Кај електричните автомобили негативно влијание има помалата автономија и брзото застарување на технологијата кај постарите модели, – потенцира Лу.
Лидер меѓу брендовите е Toyota, откако остаточната вредност на нејзините модели во просек е за 42,3 проценти пониска од куповната, а следуваат Ram (45,2%) и Jeep (46,3%). Брендови чија остаточна вредност во просек е најмала по пет години користење на автомобилите се Maserati (66,4%), BMW (65.0%) и Cadillac (64,9%).

