Home » Jaguar Land Rover се преименува во JLR, се состои од 4 подмарки

Jaguar Land Rover се преименува во JLR, се состои од 4 подмарки

by Lina Muslija

Jaguar Land Rover отсега се именува JLR во ребрендирањето со коешто се поставува нагласок на четирите подмарки: Range Rover, Discovery, Defender и Jaguar.

JLR станува „House of Brands“ во сменетата стратегија којашто има за цел да се „зајакне единственоста на нашите карактерни британски марки“, пишува во соопштението Гери Мекговерн, директор за креатива.

JLR во изминатите години правеше обиди да ја расчлени својата понуда, што главно се состои од СУВ-модели, како и да воспостави поголема разлика меѓу возилата, давајќи им посебен карактер.

Стратегијата во Land Rover почнувајќи од 2021 година, се одвиваше во насока за возилата да се поделат на три „столбови“. Range Rover се посветуваше на луксузот, Discovery ги имаше како целна група фамилиите, додека Defender се повикуваше на своите корени и на издржливоста.

Со новата стратегија, секој столб на Land Rover прераснува во целосно заокружена марка, со тоа што им се придружува Jaguar, како уште една луксузна марка.

Прв на ред е Jaguar

JLR објави дека првиот автомобил на Jaguar со новата стратегија ќе биде електричен гран туризмо модел со четири врати, со цена од преку 100.000 фунти (околу 113.000 евра) и досег до 700 километри.

Отсуството на името Land Rover во ребрендирањето создаде негодувања на друштвените мрежи во Обединетото Кралство. Во коментарите се критикуваше за тоа што JLR се откажал од своето историско име. JLR сепак потврди дека името ќе остане како беџ на неговите СУВ возила, за да служи како „марка од доверба“.

„Land Rover останува. Тој е моќен, добро познат, и ќе ја користиме таа колективна моќ за на нашите марки да им дадеме автентичност и намена,“ соопштуваат од JLR.

JLR ќе ги редизајнира своите салони, за да се воведат новите марки. Некои салони што сега ги продаваат сите четири марки, ќе се посветат повеќе на одредени марки. Уште се договара изгледот, но начелно „нема маси, има меки облоги и поприсутно е луксузното искуство што е ориентирано кон клиентите“, најавува Патрик Мекгиликади, директор на JLR за Обединетото Кралство.

Во февруари беше отворен првиот бутик на Range Rover во прочуениот лондонски кварт Мејфер, од страна на дилерската групација Stratstone. Во Кралството, JLR до завршетокот на 2024 година се префрлува на агенциски модел на продажба, за продажбата да се одвива директно меѓу производителот и клиентот. Во Јужна Африка, новиот модел на продажба се применува од лани.

Во САД, JLR побара дел од дилерите да се откажат од својата франшиза за Jaguar, додека компанијата се префрлува на електрични возила. Британците почнаа да го смалуваат бројот на салони на Jaguar, понудувајќи им на дилерите дополнителни резервации за најпродаваните модели на Land Rover, вклучувајќи ги новите Range Rover и Range Rover Sport, како и Defender, доколку се откажат од својата франшиза за Jaguar.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More