Home » Jaпонскиот поет Шунтаро Таникава е добитник на наградата „Златен венец“ на СВП за 2022 година

Jaпонскиот поет Шунтаро Таникава е добитник на наградата „Златен венец“ на СВП за 2022 година

by Журнал.мк

Добитник на „Златен венец“ за 2022 година, главната награда на „Струшките вечери на поезијата“, е најзначајниот жив јапонски поет, Шунтаро Таникава.

Одлуката беше соопштена на свечениот настан во Македонската академија на науките и уметностите, на кој покрај прогласувањето на лауреатите на СВП, беше одбележан 21 март-Светскиот ден на поезијата со поетско читање во кое учествуваа истакнати поети- членови на Македонскиот П.Е.Н Центар и на Друштвото на писателите на Македонија

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на поетското читање „Мостови“, една од централните манифестации на годинешното издание на фестивалот, предвиден да се одржи од 24 до 29 август.

Шунтаро Таникава (роден во Токио во 1931 година како единствениот син на филозофот Тецузо Таникава) е најзначајниот жив јапонски поет, чија поезија суверено патува, не само низ возбудливите „води“ на јазикот, туку и во низата креативни преобразби во музика, филм, слика или калиграфско писмо. Toj е најпродуктивниот, најчитаниот, највлијателниот и најиновативниот поет од Јапонија. чии дела се преведени на многу јазици во светот.

Автор е на 80 поетски збирки, за кои има добиено бројни книжевни признанија, во Јапонија и во странство. Неговите песни се појавуваат не само во угледни книжевни списанија, туку и во школските учебници и мас- медиумите. Шунтаро се јавува и како автор на драмски текстови, филмски сценарија, плоден есеист, преведувач, автор на литература за деца.

Неговата дебитантска збирка „Две милијарди светлосни години самотија“ во 1952 година ги вчудовидела неговите поетски врсници и книжевни критичари како нешто со кое се сретнуваат за прв пат и со тоа се втемелува како новата одредница на јапонската поетика по Втората светска војна.

Добитник е на низа престижни награди, меѓу кои: „Јомиури“ во 1983 г, „Ханацубаки“ во 1985 г, „Такаши Саида“ во 1987 г, „Шогакукан“ во 1988 г, наградата „American Book Award“ во 1989 г, наградата за модерна поезија „Јутака Маријама“ во 1991 г., „Сакутаро Хагивара“ во 1983 г., „Асахи“ во 1996 г, „Саксава“ во 1998 година, наградата „Динг Јун“ во Кина во 2005 г, наградата на „Монголското здружение на писатели“ во 2008 г, „Нобуо Ајукава“ во 2010 г, меѓународната поетска награда „Жонгкун“ во 2011 г, „Тацуџи Мијоши“ во 2016 г, наградата на фондацијата „Јапонија“ во 2019 година, а неговото име се споменува како еден од можните канидидати за добитник на Нобеловата награда за литература.

Поезијата на Шунтаро е првично приопштена на македонски јазик, благодарение на поеткиот избор „Дребoлии“, објавен во едицијата „Плејади“ на Струшките вечери на поезијата, во 2005 година во препев на Зоран Анчевски.

Во поздравното обраќање до македонската јавност, Шунтаро Таникава вели:

„Дали само јас чувствувам некаква самотија штом добијам награда или одликување? Невообичаено е чувството да се биде избран од мноштвото поети и заедно со радоста и гордоста кои ги чувствувам бидејќи сум избран за добитник, се чувствувам и уважено меѓу моите колеги поети. Но, кога се присетувам на покојниот Макото Оока, мојот близок пријател и добитникот на оваа награда во 1996 година, самотијата ми исчезнува и неа ја заменува љубовта кон моите колеги поети и кон оние кои копнеат да станат поети, и иако живееме во различни времиња, во различни околности и со различни мајчини јазици во ова немирно доба на нашата ранлива Земја, оваа љубов постојано расте.

Староста постепено ме лишува од слободните телесни движења, но пак за чудо, мојот ум се движи сè полесно, како да му пркоси на ова ограничување. По некое правило, човечките години ги споредувам со прстените на едно дрво. А староста ми наликува како да се движам наназад кон центарот на тие прстени со секоја наредна година. Сега сонувам да имам зборови, изнедрени од телото и умот, како некој разговор помеѓу заљубените, настрана од нормалното значење на зборовите.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk