-1 C
Skopje
Monday, January 18, 2021

Jанкулоска и Димовски до сведокот за фантомите во „Титаник“: Дали сте близок до СДСМ?

Најчитани вести

Со сослушување на сведок вработен во Полициска станица Ресен, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето за изборни нерегуларности „Титаник“.

Сведокот Агрон Кранлиевски, на прашање од обвинителката Лиле Стефанова, рече дека од 2012 година му биле дадени за вршење на проверки повеќе од 100 луѓе на три адреси.

– Во 2012 година добив од 40 до 45 барања за проверка на адреса на Љупчо Поп Ѓошев. Во првиот обид ниту еден не беше пронајден. Потоа кај Станојковиќ во стан добив проверка на 20 до 25 луѓе, а кај Сандре Темелковски, на улица Коле Неделковски имаше околу 20 до 30 луѓе. Во прв обид не беше пронајден никој, рече сведокот.
Потоа од старешините, рече сведокот, им било речено да направат уште два до три обиди на истите адреси, но повторно неуспешно.
– Потоа, при увид во Избирачки список видов 78 лица, за кои имам пишано негативно, дека не се пронајдени на адресата на живеење, изјави сведокот.
Нагласи дека дневно во ПС на сликање доаѓале по околу 50 луѓе.
– Од командирот Милорад Георгиевски, добивме наредба тие луѓе да ги извадиме надвор на паркинг на полициската станица. Во разговор со нив, тие кажаа со пасошите во рака дека се пратени да се сликаат од градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, рече сведокот.
На прашање од одбраната дали проверката ја вршел сам, сведокот потврди и посочи дека тоа е вообичаена постапка.
Прашан од Илија Димовски, дали луѓето од Пустец што доаѓале во ПС Ресен веќе имале пасоши од РМ, пред да дојдат и побараат лични карти, сведокот рече да, а потоа го праша и за блискост со СДСМ.
– Вие и блиски членови на вашето семејство сте во исклучително блиски релации со високи функционери од СДСМ? – праша Димовски

На прашање од Гордана Јанкулоска дали пристапот до изводот од Избирачкиот список му бил овозможен од некој од кандидатите за градоначалник, сведокот рече не.

Прашан од Едмонд Темелков, дали познава со име и презиме некои од луѓето пред ПС Ресен, сведокот одговори не.
Предметот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Осман Шабани.
Следното рочиште е закажано за 20 ноември, за кога треба да бидат сослушани четворица сведоци.
Освен поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, во „Титаник“ обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.
Случајот го отвори СЈО, за потоа да го преземе државното Јавно обвинителатво, а случајот повторно беше распределен на јавната обвинителка Лиле Стефанова.

Повеќе вести

- Advertisement -

Најнови вести