За 2022 година пресудни се неколку едноставни „позиции“. Еднаквост и правичност, мир и безбедност, респект и соработка. Лесно е да се запомни, малку потешко е да се постигне, но е единствениот начин да се остане човек и да се живее достоинствено.
Ако на македонските граѓанки и граѓани им беа тешко сварливи изминатите 365 дена, оброците што ќе им ги сервира годината пред нас ќе им бидат неподносливи. Но, можеби токму тоа е времето во кое ќе согледаат барем две работи.
Граѓанките и граѓаните одлучуваат, секој за себе, а сите заедно за судбината на општеството и на државата. Каде ќе се упати државата среде светските ветрометини, ќе одлучат тие. Одлучуваат и за светот, тоа глобално село како што веќе долго време го нарекуваат.
Поларизацијата, национализмот и корупцијата водат кон надолна спирала од сиромаштија и насилство, неизвесност и распаѓање. Дезинформациите, теориите на заговорот и говорот на омразата се алатки во рацете на архитектите на злото во светот. Сите други се губитници – и оние што ги шират и оние што се жртви.
За да се соочат со ураганот од нови и „напумпани“ стари проблеми, сѐ што им е потребно на луѓето е да се обидат да најдат барем малку мудрост и смиреност. Тогаш ќе сфатат дека не можат повеќе да си го дозволат луксузот да им веруваат на теориите на заговорот и дезинформациите. Науката нѐ придружува и во најситниот детаљ од секојдневието и тука е за да го продолжи и подобри животот. Институциите, какви и да се, постојат за да му служат на јавниот интерес. Треба да се искористат.
Со право ќе речат дека повеќето институции лошо функционираат и сѐ уште се заробени од неспособноста, неефикасноста и корупцијата. Но институциите се луѓето, истите луѓе што седат во кафулињата среде бел ден (нема место во нив од вработените во администрацијата). Со истите две-три партиски книшки во џебот. И паричник што се полни од даноците и поткупот што ги даваат, кој ако не – граѓанките и граѓаните.
Многумина страдаат на различни начини, токму од тие луѓе во институциите. Точно е и дека административците трошат голем дел од работното време на исполнување на партиските и личните агенди, наместо да им служат на тие од чии пари живеат. Сето тоа е точно, но институциите се единственото прибежиште за луѓето. Сè останато води кон паралелни светови на сенки и криминал.
Ова мало, кревко кајче, Северна Македонија, ќе издржи само ако сите што се во него сложно ги затнат дупките низ кои навира водата од надојдените реки светски, регионални и домашни проблеми. Нема да помогне само политичката волја за градење успешно (едно) општество (за сите), ако луѓето итаат во лажливата прегратка на докажани арамии и ноторни сејачи на стравот, раздорот и насилството. Прогресивните луѓе во политиката, медиумите, граѓанското општество и институциите не смеат повеќе да им се додворуваат на националистите. Ако попуштат пред мрачната антидемократска офанзива, нема надеж за никого, дури ни за националистите и антидемократската солдатеска. Сиромаштијата и гладта ќе останат секојдневни придружнички на сè поголем број луѓе. Климатските промени ќе донесат нови неволји. Пандемијата ќе трае. Сајберзаканите, енергетската криза, мигрантите, вакцините и злоупотребата на демократските институции ќе се усовршат како оружје на хибридната војна.
Од друга страна, пред нас е година на безброј можности. Во годината во која единствената извесност е дека ќе биде исклучително неизвесна, секој има можност да придонесе кон изградбата на подобро општество. Но само ако луѓето се солидарни и отворени кон соработка и здружување. Луѓето одлучуваат, колку и да мислат дека се безначајни. Впрочем, пропагандистите успеваат благодарение на инфериорноста на луѓето, нивното чувство на немоќ и безначајност. Зошто да им се дозволи тоа?
За 2022 година пресудни се неколку едноставни „позиции“. Еднаквост и правичност, мир и безбедност, респект и соработка. Лесно е да се запомни, малку потешко е да се постигне, но е единствениот начин да се остане човек и да се живее достоинствено.
Џабир Дерала