Хуманитарната криза во Појасот Газа достигнува критична точка поради израелската блокада која го спречува влезот на основни намирници, предупредуваат локалните власти, јавува Анадолу.
„Околу 2,4 милиони Палестинци се соочуваат со сериозна и катастрофална несигурност во храната“, изјави за Анадолу Исамил Тавабте, директор на Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа.
Според него, повеќе од 90 отсто од населението во Газа целосно зависи од хуманитарна помош за храна.
„Помошта со храна повеќе не пристигнува бидејќи Израел ги затвори граничните премини и го спречува влезот на хуманитарна помош“, додаде Тавабте.
Тој посочи дека десетици пекарници престанале со работа поради недостиг на брашно и гориво.
„Меѓународните програми и организации беа принудени да го прекинат снабдувањето со храна и поддршката за пекарниците, а мал број мобилни пекарници функционираат со многу ограничен капацитет“, нагласи Тавабте.
Според него, Појасот Газа се соочува со „непосредна закана од глад, а делови од енклавата веќе ја живеат таа реалност“.
Од 2 март, Израел целосно ги затвори граничните премини со Газа, блокирајќи го влезот на основни намирници, и покрај бројните извештаи за глад и хуманитарна катастрофа во разурнатата енклава.
Израелската армија на 18 март ги обнови нападите врз Газа, со што го прекрши прекинот на огнот и договорот за размена на затвореници постигнат на 19 јануари.
Од почетокот на офанзивата во октомври 2023 година, Израел уби повеќе од 51.200 Палестинци, од кои најголемиот дел се жени и деца.
Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант, под сомнение за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел исто така се соочува со обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во енклавата.