Во Музејот на град Скопје на 12.09.2024. во 20.00 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии со наслов „Никаде Некаде“ на мултимедијалната уметница Вања Димитрова.
Самостојното претставување на Вања Димитрова, насловено Никаде Некаде резимира неколку етапи од нејзиното долгогодишно творештво во областа на уметничкиот филм, аудиовизуелната уметност и фотографијата. Медиумската вкрстеност ја открива нејзината експериментална природа, потенцијалот за преобразба на естетските варијации и авторскиот оптикум кој врамува различни приказни (стварни или фикција), реални локации во различни земји, имагинарни светови, и конструирани ликовно-сценски визуелни поставки.
На изложбата ќе бидат поставени 21 фотографија во голем формат.
Вања Димитрова е филмски автор и визуелен уметник од Македонија. Дипломира на Академија Герит Ритвелд [Gerrit Rietveld Academie] на секторот за аудио-визуелни уметности и магистрира ликовни уметности на Институот Сендберг [Sandberg Instituut], двете Академии во Амстердам, Холандија. Во 2020 г. таа го прави мултимедијалниот филм: “Alone Together”, кој е еден од неколкуте филмови глобално, направен во првиот бран на пандемијата Ковид, снимен во Холандија, награден за најдобар ехспериментален филм на многубројни интернационални филмски фестивали. Автор е на документарниот филм „Заклучени Невремиња“ снимен во женскиот затвор Идризово и психијатриската болница Негорци, во Македонија, и на краткометражниот игран филм “Absence” инспириран од вистинска приказна на воен фотограф за време на војната во Босна и распадот на Југославија снимен на 35мм во Холандија. Двата филма се дел од селекции на повеќе интернационални филмски фестивали.
Со анимацијата “Birdy” е селектирана на Berlinale Talent во склоп на Berlin Film Festival во селекција на The New Dutch Photography Talent 2020.
Како визуелен уметник работи во областа на фотографија, инсталација, видео арт, со кои дела учествува на многубројни интернационални изложби.
„Никаде Некаде“ е нејзина прва самостојна изложба„
Како филмски автор работи на нејзиниот прв долгометражен филм како сценарист и режисер.
Куратор на изложбата е Натали Рајчиновска Павлеска
Изложбата и Каталогот се реализирани од Музеј на град Скопје, а финансирани од Министерството за култура.