Јахта во сопственост на турски милионер потона откако се запалил моторот додека пловела во близина на плажата Лидо дел Соле во близина на Олбија на Сардинија.
Сопственик на јахтата „Атина“ е ко-основачот на турската компанија за испорака “Getir”, Серкан Боранчили. Во моментот на пожарот на бродот бил и тој со семејството. Во моментот на пожарот на јахтата се наоѓале вкупно осум лица. Јахтата ја користеле 15 луѓе, а седум ја напуштиле пред да избие пожарот, додека останатите осум биле успешно евакуирани. Никој не бил повреден.
Ко-основачот на компанијата “Getir” Назим Салур се огласи по повод пожарот.
„За жал, во Италија од непозната причина изгоре бродот на мојот партнер и пријател Серкан Боранчили, со кој го основав “Getir”. Семејството Боранчили и екипажот на бродот се добро“, напиша Салур, пренесува “Ekonomim”.
На видеото кое го објави крајбрежната стража може да се види дека пожарот ја зафатил крмата, од каде што се проширил низ целиот брод.
Јахтата е изградена во 2008 година, а веќе следната година освоила награда на Светското шоу за суперјахти. Турскиот милионер ја купил во 2021 година за околу 12 милиони фунти (16 милиони евра), а потоа била пренаменета за чартер пловење во турското бродоградилиште “FDC Yachts”, пренесува “Boat International”.