Home » Изгласан Законот за Националната развојна стратегија

Изгласан Законот за Националната развојна стратегија

by Журнал

Собранието денеска го усвои Законот за Националната развојна стратегија со поддршка на пратениците од власта и опозицијата од речиси сите политички партии кои се застапени во законодавниот дом. Ова го отвора патот за усвојување и на текстот на најсеопфатниот стратешки документ од осамостојувањето на државата, во кој се дефинирани главните цели и мерки за развојот на Република Северна Македонија во наредните 20 години.

Националната развојна стратегија (НРС) претставува комплексен документ кој опфаќа економски, социјални, еколошки и културни аспекти на развојот на нашата држава. Процесот на подготовка на стратегијата траеше речиси три години и во него директно се вклучија околу 14.000 граѓани, повеќе од 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 50 пратеници од власта и опозицијата, претставници на стопанските комори, граѓански организации, над 500 претставници од маргинализирани и ранливи групи, како и повеќе од 1.000 млади и членови на младински организации.

Предлог законот за Националната развојна стратегија беше првично поднесен од група пратеници – Арбер Адеми, Атнан Незири, Диме Велковски, Јован Митрески, Љупчо Пренџов и Никола Мицевски, и во прво читање беше усвоен на седница на Собранието на Република Северна Македонија на 22 декември 2023 година. Потоа, беше ставен на дневен ред за разгледување во матичното тело и ставен на ред за разгледување на 135-та седница на Собранието. Со обезбедено позитивно мислење од Владата, предлог законот беше разгледан од Комисијата за економски прашања, по што денеска е донесен од Собранието со консензус на сите присутни пратеници.

По усвојувањето на финалниот текст на НРС, ќе се започне со имплементација на стратегијата што треба да придонесе за подобрување на голем број процеси во државата и подигнување на квалитетот на живот на граѓаните.

Креирањето на Националната развојна стратегија, Владата на Република Северна Македонија го реализира во партнерство со Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП. Изработката на НРС е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје и од Министерството за финансии на Република Словачка.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More