За мене ќе нема поделба на сегашни, идни или поранешни функционери, секој еден што се огрешил, треба да си сноси одговорност, нормално во законска постапка, во кривична постапка, порача Слободан Ивановски, директор на Финансиската полиција, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Секаде каде што ќе имаме индиции и основани сомненија за сторен криминал, ние ќе постапуваме. Нас ни е важно да завладее правото во оваа држава, но тоа да не бидат само празни зборови, туку да покажеме и на дело“, рече Ивановски.
Меѓу постапките, тој се осврна и на случаи во делот со СОЗР.
„Имаме основано сомнение дека се сторени кривичните дела „Проневера во службата“, „Фалсификување на службена исправа“, „Несовесно работење“, каде што во периодот од 2021 година до 2024 година, биле склучувани договори за јавни набавки, но исстовремно поранешниот директор на СОЗР имал и директна материјална корист од тој економски оператор и, сито така, не го пријавил судирот на интереси“, изјави Ивановски.