Значајни промени не се случуваат, дали станува збор за нашиот менталитет, за начин на живот или не знам како да го дефинирам тоа, меѓутоа старите навики и натаму си продолжуваат да постојат, вели Билјана Ивановска, поранешна претседателка на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.
Како што истакна, најголемите ризици од корупција настануваат токму во процесот на вработување. Затоа, посочи Ивановска, и при изготвување на Националната стратегија, вработувањата биле дефинирани како хоризонтална област, бидејќи се сретнуваат во сите сектори.
„И натаму сме сведоци на партиски вработувања, односно непотизам, кронизам, клиентелизам. Така што не гледам некаков исчекор напред. Исто така и поставување и именување на директори, и в.д. директори, меѓутоа и директори како што ќе се договорат партиите, со партиски договори. Мислам дека тоа не нè води напред. Клучните закони не се донесени, ниту законот за административни службеници, ниту законот за висока раководна структура. Институтот в.д. директор и натаму се злоупотребува, со тоа што приметивме сега, се назначуваат в.д. директори со почеток од, а не кажуваат до кога“, изјави Ивановска.