Еден од осум мигранти донесени на обработка во Албанија е вратен во Италија откако е прогласен за „ранлив“, соопшти делегација од италијански активисти и пратеници.
На Египќанецот му биле дијагностицирани „ментални проблеми“, поради што не можел да остане во прифатниот центар Ѓадар, изјави еден од активистите. Моментално во албанскиот центар престојуваат само седум мигранти, пет од Бангладеш и двајца од Египет.
Испраќањето на осумчлената група претставува втор трансфер на мигранти откако во октомври беа отворени два центри за обработка според договорот меѓу Италија и Албанија. Групите за човекови права и невладините организации кои се активни во Медитеранот го критикуваа договорот како опасен преседан кој е во спротивност со меѓународното право.
Договорот дозволува до 3.000 мигранти пресретнати од италијанската крајбрежна стража во меѓународните води секој месец да бидат сместени во Албанија пред да бидат разгледани за азил во Италија или да се вратат во нивните земји.
Италија се согласи да ги прифати оние мигранти кои ќе добијат азил, додека оние чии барања ќе бидат одбиени се соочуваат со депортација директно од Албанија.
Првата група од 16 мигранти од Бангладеш и Египет беше префрлена во Албанија на 16 октомври. Четворицата истиот ден биле префрлени во Италија бидејќи биле малолетни или имале здравствени проблеми. 12 беа вратени во Италија три дена подоцна, по одлука на римските судии кои заклучија дека земјите од кои дошле овие мигранти се „небезбедни“.
Судската одлука го скрати списокот на земји кои според законот се сметаат за „безбедни“. Италијанската премиерка Џорџа Мелони силно ја критикуваше пресудата, посочувајќи дека ако се сметаат за небезбедни земји како Бангладеш и Египет, значи дека речиси на сите мигранти ќе им биде забрането од програмата за Албанија.
На 21 октомври италијанската влада одобри нова регулатива чија цел е да се надминат судските пречки кои би можеле да го загрозат спроведувањето на петгодишниот договор со Албанија.