Според истражувањето на германското здружение на осигурители, „производителите на автообили меѓу август 2022 и август 2023 година ги зголемиле цените во просек за 9,7 проценти“.
Резервните делови во просек поскапеле за околу десет проценти. Кај одредена група делови, како на пример, задни врати, цените се зголемиле за 13 проценти во споредба со ланското истражување.
Со повторното зголемување на цените продолжува трендот што осигурителните компании го следат веќе десет години: „Трошоците за резервните делови за патничките автомобили растат силно и со многу поголема стапка отколку инфлацијата: Додека индексот на цените за потрошувачите од јануари 2013 година се зголемил за 28 проценти, производителите на автомобили ги зголемиле цените на резервните делови за повеќе од 70 проценти“, кажуваат од германската асоцијација.
Поклопец на багажник и задни странични панели во разгледуваниот период поскапеле за 93 проценти, додека задните светла се поскапи за дури 97 проценти. Наспроти тоа, износот на осигурувањето од одговорност од 2013 година поскапело за одвај повеќе од седум проценти.
Повисоките цени на резерните делови на осигурителите им донесуваат и соодветно зголемување на цената за поправка на возилата што се оштетени во незгода. „Во минатата година, материјалната штета ги чинеше осигурителите на автомобили (во Германија) во просек околу 3.700 евра, што е за 8,4 проценти повеќе отколку преклани“, прецизираат осигурителите. Во 2013 година, отштетата чинеше 2.400 евра во просек.
Примери за промената во цените на резервните делови во Германија
Цена август 2022 | Цена август 2023 | |
Задна врата | 763 евра | 865 евра |
Предно крило | 294 евра | 328 евра |
Поклопец на багажник | 830 евра | 923 евра |
Задно светло | 257 евра | 283 евра |
Преден браник | 530 евра | 576 евра |
Светло | 1014 евра | 1090 евра |
Германското здружение на осигурители очекува дека браншата годинава ќе потроши многу повеќе пари, отколку што ќе заработи. „Според нашите најнови прогнози, гранката годинава ќе направи загуба од близу три милијарди евра“, според Здружението.
Германските возачки и возачи за осигурување на своите возила годинава ќе платат 30,2 милијарди евра, но затоа осигурителите ќе мораат да потрошат 33,1 милијарди евра за отштета и администрација. Тоа значи дека на секое наплатено евро, осигурителите плаќаат по 1,10 евро.
За своето истражување на цените на резервните делови, германските осигурители се раководат според банката на податоци за пресметка на штета од Audatex. Во моментов во истражувањето се опфатени 34 модели на автомобили од повеќе производители и од сите класи, од мали автомобили до луксузни лимузини. За секој од тие модели се земаат цените на 20-на резервни делови што најчесто се заменуваат по незгода.