Home » Истрагата за „Онкологија“: Нема докази дека лековите завршувале на црно во Косовo

Истрагата за „Онкологија“: Нема докази дека лековите завршувале на црно во Косовo

by Журнал

Скопското јавно обвинителство води истражна постапка против двајца екс-директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија и тројца онколози, поради сомнение дека препродавале лекови и несоодветно лекувале пациенти. Од обвинителството велат дека засега нема докази дека скапата биолошка терапија завршила на пазарите во Албанија и Косово.

Поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев, кој е осомничен за седум кривични дела, покрај забраната за напуштање на живеалиштето и одземање на патната исправа, доби и мерка отстранување од работното место.

Извршниот директор на таа клиника, Нехат Нухи доби забрана за напуштање на живеалиштето и одземање на патната исправа.

Во случајот се осомничени и тројца онколози.

Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска за новинарите изјави дека во текот на предистражната постапка е прибавена обемна документација, а особено се важни изјавите на пациентите.

„За целата оваа процедура од исклучителна важност беа изјавите на пациентите со онкологија и нивните семејства, на кои би сакала уште еднаш јавно да им се заблагодарам и да ги охрабрам да пријават евентуални незаконитости и злоупотреби на кои биле сведоци на оваа клиника“, рече таа.

Таа истакна дека двајцата поранешни директори се осомничени дека набавиле лекови на „реверс“ пред да го склучат договорот за јавна набавка и без согласност на ФЗОМ.

Го надминале одобрениот буџет, а констатирано е и дека за краток период се извршени неколку набавки без распишување тендер.

Обвинителството во врска со препишувањето на терапијата утврди дека спротивно на одобренијата за регистрација на лекови, протоколите за лекување, податоците од медицината базирана на лекови, постои недоследност во дозирањето и временскиот распоред на терапијата.

Обвинителката објасни дека тоа не значи дека терапијата била скратена или не им била дадена на пациентите, туку дека вишокот терапија бил регистриран на име на пациентите, односно било утврдено дека на некои пациенти им била препишана по една ампула повеќе од наведената доза.

Обвинителството утврдило и дека лекови од новите генерации целна и имунолошка терапија на пациентите им биле давани ден пред смртта.

Истрагата треба да утврди каде завршиле „вишокот“ лекови, но засега нема официјални информации дека се препродавале на „црно“ во соседството.

Од скопското обвинителство велат дека доказите од Косово не покажуваат дека терапијата завршила на тамошниот пазар, ниту пак дека граѓаните на Косово примале терапија во Скопје.

Додаваат дека се уште се чекаат докази и материјали од Албанија.

Според досегашните неофицијални пресметки, противправната имотна корист стекната во случајот со злоупотреби на Клиниката за онкологија изнесува речиси 30 милиони евра.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More