Ирак вчера врати речиси 2.000 сириски војници во нивната татковина, се наведува во соопштението на ирачката армија.
Станува збор за војници кои побараа засолниште во Ирак за време на напредувањето на бунтовничките сили, кои претходно овој месец го соборија претседателот, Башар ал Асад.
Сириските војници биле вратени на нивно барање и влегле преку граничниот премин меѓу Ирак и Сирија, се вели во соопштението.
„Во координација со некои актери од сириската страна, 1.905 сириски офицери и војници беа предадени на легален начин на силите од сириската страна на граничниот премин Ал-Каим“, се вели во соопштението.
Нивното оружје остана во сопственост на ирачкото Министерство за одбрана и ќе биде предадено на новата сириска влада кога ќе биде формирана, се додава.
Војниците ја преминаа границата со Ирак непосредно пред сириските бунтовници предводени од Ахмед ал Шараа да го заземат главниот град Дамаск без отпор на 8 декември по молскавично напредување, принудувајќи го Асад да побегне во Русија.
Сириската висока команда, на чело со Шаара, назначи привремена влада со Мохамед ал-Башир за премиер. Ирачката војска соопшти дека сириските сили биле вратени откако им било ветено дека ќе бидат вклучени во амнестија издадена од новите сириски власти.