Нови фотографии потврдуваат дека iPhone 17 Air ќе биде убедливо најтенкиот iPhone досега, со дебелина од само 5,5 мм и цврсто куќиште од титаниум и алуминиум.
Доколку некој од вас го пропуштил видеоприказот на моделите на идните уреди iPhone 17, Sonny Dickson утринава сподели фотографии кои јасно покажуваат колку iPhone 17 Air ќе биде потенок во споредба со остатокот од серијата. Се очекува овој модел да има дебелина од околу 5,5 милиметри, со задебелување околу камерата, што ќе го направи најтенкиот iPhone уред досега.
За споредба, моделите iPhone 17 Pro треба да имаат дебелина од околу 8,725 милиметри, па разликата е прилично забележлива кога уредите ќе се споредат во живо. Посебно импресивно е што iPhone 17 Air е речиси тенок колку и неговите странични копчиња. Според гласините, Apple ќе користи комбинација од титаниум и алуминиум за изработка на куќиштето, со цел да обезбеди доволна цврстина и да избегне проблеми како што беше скандалот со “bendgate” кај моделот iPhone 6 Plus.
Banner
Првично било планирано iPhone 17 Air да има уште поголем екран од очекуваните 6,6 инчи, но Apple се откажал од таа идеја за да го намали ризикот од свиткување на уредот. Ова покажува дека компанијата дополнително внимава на издржливоста на овој ултра-тенок телефон.
За да се постигне ваквиот тенок изглед и физички профил на телефонот, Apple одлучил новиот модел да има само една задна камера, оставајќи повеќе простор за батеријата. Исто така, новиот уред ќе користи eSIM низ целиот свет, со што физичкиот SIM слот ќе биде укинат.
iPhone 17 Air ќе биде опремен со ултраефикасниот C1 модем, истиот што првпат се појави кај моделот iPhone 16e. Се очекува дека, и покрај екстремно тенката силуета, траењето на батеријата ќе биде еднакво како кај сегашните iPhone модели.
Претставувањето на серијата iPhone 17 се очекува во средината на септември, заедно со новите слушалки AirPods Pro 3, пренесува MacRumors.