Новата SDK функција во iOS 26 овозможува адаптивен приказ на непознати големини и формати на екрани, што укажува на постоење и скорешно доаѓање на iPhone уред со свитлив екран.
Во екот на гласините дека Apple активно развива свитлив iPhone, неодамнешна изјава на WWDC конференцијата дополнително ги засили шпекулациите – и тоа во официјална презентација на алатките од iOS 26 SDK, каде се спомнува „нов хардвер“ и „нови димензии на екрани“, што многумина го толкуваат како јасен сигнал.
Apple на WWDC претстави видео водич со наслов „Направете ја вашата UIKit апликација пофлексибилна“, во кој детално се објаснува како програмерите можат да ги прилагодат своите апликации на нови видови уреди со помош на iOS 26 SDK.
Apple во видеото истакнува: „За новиот хардвер сега нудиме поинаков режим на поддршка. Кога уредот има нова големина на екран, системот претходно ја скалираше апликацијата или додаваше црни рабови. Тој режим сè уште постои, но ако користите новиот iOS 26 SDK и ја пренесете апликацијата повторно, таа природно ќе се прилагоди – без скалирање и без црни рабови“.
Токму тие изрази – „нов хардвер“ и „нова големина на екран“ – ги поттикнаа шпекулациите дека Apple со тоа алудира на доаѓањето на свитлив iPhone. Кај традиционалните iPhone модели, разликите во големината на екранот се минимални, па ваквата адаптибилност не би била неопходна. Но, кај свитливите уреди, форматот на екранот е сосема поинаков, па iOS 26 мора да овозможи многу пофлексибилен приказ на апликации.
Иако Apple тоа сè уште официјално не го потврди, извештаите на бројни аналитичари веќе некое време укажуваат дека првиот свитлив iPhone би можел да биде лансиран најдоцна до 2027 година, со екран кој во расклопена состојба би бил сличен на големината на iPad mini, со што Apple дополнително би ја проширил својата понуда помеѓу телефони и таблети, пишува 9to5Mac.