Нов почеток на уште една школска година, а учениците повторно се вратија во училишните клупи. За некого нов почеток во средина која треба да биде хармонична, каде што ќе го оствари својот потенцијал на сите полиња. Но, за други, средина со врсничкото насилство – проблем со којшто се соочуваат голем број деца во своето секојдневие.
Задевање, исмејување, употреба на навредливи прекари, физичко насилство и социјално исклучување се дел од постапките со кои насилниците ги малтретираат своите жртви.
За врсничкото насилство разговараме со м-р Тиана Ивановска, лиценциран психолог и сопственичка на „Себесложувалка“, со која ја разгледавме комплексноста на овој проблем, последиците од малтретирањето и начините на кои може да се спречи врсничкото насилство меѓу децата.
Што претставува врсничкото насилство и какви форми може да има?
– Врсничкото насилство е еден „чадор термин“ за сите видови малтретирање (физичко, вербално, онлајн), кое се јавува меѓу врсниците, како што укажува и самиот термин.
Како се манифестира малтретирањето кај детето жртва? Какви симптоми пројавува?
– Може да даде најразлични симптоми. Доколку се работи за физичко малтретирање, симптомите можат да бидат видливи – модринки по телото, траги од удари и сл. Но, доколку се работи за емоционално насилство, тоа може да направи кај детето да забележиме молчаливост, повлеченост, немање желба за дружење со врсниците и одбивност кон средината каде што го доживува тоа насилство. Тоа не мора да се случува само на училиште, може да биде и на тренинг за спортски активности, на курсеви за странски јазици… која било средина во која детето трпи изложеност на напади и навреди.
Кои се психолошките ефекти од ваквото насилство врз детето?
– Психолошките ефекти од врсничкото насилство може да бидат најразлични. Секогаш зборувам за индивидуално насилство, затоа што секое дете е приказна за себе. Некои ефекти се случуваат веднаш, но постојат и деца кои се истрајни во тие моменти, па ефектите кај нив се појавуваат подоцна во животот – намалена самодоверба, негативна слика за себе итн.
Кои психолошки фактори придонесуваат некој да стане насилник? Какви се децата кои вршат насилство?
– Најчесто децата кои стануваат насилници некаде го имаат видено тоа однесување. Честопати насилството и вербалното малтретирање се дел од семејните системи во коишто се наоѓаат. На пример, родители кои се навредуваат меѓу себе, семејното насилство исто така може да биде предикатор за создавање дете насилник. Токму поради тоа вината ја бараме во семејните системи и никогаш во самите деца, затоа што тие се, сепак, деца и немаат развиено причинско-последично размислување, односно не се свесни за ефектите што ги предизвикуваат кај своите жртви.
Кои се последиците на врсничкото насилство? До кој степен може да се развијат и која е најстрашна последица?
– Има многу последици. Повторно ќе кажам, одредени последици се појавуваат додека трае насилството – децата се посрамежливи, со уништена слика за себе, со ниска самодоверба, имаат потешкотии во пројавувањето и во комуникацијата со останатите пријатели. Често се создава и одредена недоверба кај нив, односно не можат да создадат здрави релации поради тоа што се сомневаат дека повторно ќе бидат повредени. Што се однесува до последиците во подоцнежите години, тоа може да биде недоверба во партнерските релации, нарушена слика за себе, нарушена телесна слика, односно телесна дисморфија, незадоволство од сопствениот изглед итн.
Како родителите да ги препознаат знаците дека нивното дете е жртва на врсничко насилство? Како да реагираат тие, но како да реагира и самата жртва? Како да се заштити?
– Јас секогаш велам дека не можеме да создадеме решение во моментот кога се појавува таков случај. Сметам дека превенцијата е најдобар лек, односно најдобар начин родителите да ги заштитат своите деца е да имаат стабилна, сигурна и отворена комуникација со нив, со цел детето да биде поддржано да ги пријави ваквите случувања што побргу. Во оние семејства каде што нема добра комуникација, децата се повлекуваат и ги кријат ваквите случки и со текот на времето тие оставаат многу поголеми последици отколку кога се реагира навремено.
Во поглед на самите деца, многу е важна возраста. Тоа е така бидејќи децата во основно училиште немаат некаков капацитет за заштита затоа што се многу мали. Ако станува збор за средношколци, важно е да се работи со психолог и да се добие охрабрување од класниот раководител, како значајна фигура во растењето.
Како училишната средина може да придонесе или да помогне во спречувањето на малтретирањето?
– Училишната средина, дефинитивно, игра клучна улога во појавата на врсничкото насилство. Меѓутоа, честопати знае да биде и предизвикувач на ваквото насилство затоа што одредени правила кои важат во самото училиште – важат само за одреден дел од децата. Тука секогаш се појавуваат оние препреки како што се фаќање врски, моќни фигури пред кои училиштето занемува и не може да преземе мерки. Често сме зборувале за работите кои треба да ги преземат училиштата, но во моментов најгорливиот проблем лежи во еднаквото спроведување на правилата за сите деца, вклучително и за сите родители. Ако направиме сет правила кои важат само за жртвите, а не важат за насилниците – ние не сме направиле ништо.
Каква и колкава е улогата на социјалните медиуми во појавата на врсничко насилство?
– Социјалните медиуми сè повеќе заземаат значајна улога во животот на секој од нас. Исто како што секој од нас гради одредена слика во реалниот живот, такво нешто создаваме и на социјалните мрежи. Честопати оваа слика знае да биде нарушена поради различни коментари коишто се оставаат под сликите што ги објавуваме и на мрежите кои ги користат младите, како што е Дискорд. Дефинитивно, социјалните медиуми играат голема улога во она што едно дете го доживува и преживува во текот на своето растење и развивање.
Како жртвите на малтретирање можат да се опорават од нивните искуства и каква улога игра терапијата во овој процес?
– Психотерапијата има клучна улога во справувањето и т.н. чистење на тие трауматски искуства затоа што траумите од детството и раната младост може да остават длабоки траги врз психолошката состојба на личноста. Во мојата пракса, клиенти кои доаѓаат на терапија не се ни свесни дека баш тие периоди создале потешкотии при носење одлуки, осамостојување, излегување од токсични односи и сл. Честопати идните релации во кои влегуваат се само една реплика на сè она што тие го доживувале во раното детство и во раната младост, така што, психотерапијата претставува начин на „вакцинирање“ и чистење на ваквите искуства затоа што жртвата којашто ќе создаде свесност за себе и за сè она низ што поминала во животот, прави заштитен слој со кој ќе се заштити себеси во иднина и нема да дозволи да се повторуваат ваквите нешта и негативните избори што ги прави во текот на животот.
Што му препорачувате на некој што доживува малтретирање и кој смета дека нема излез?
– Дел од барањето помош од страна на жртвите зависи и од нас, како психотераписка и психолошка фела, и од тоа колку ние сме отворени да зборуваме и да работиме со децата. Природата на нашата професија не е мерлива во минати саати зад затворени ѕидови. Потребно е да сме многу гласни и да зборуваме постојано за овие теми, затоа што тоа е појава којашто се случува насекаде околу нас. Онолку колку што ние ќе ги отвориме нашите врати, за да ни пристапат децата и тинејџерите и да ни побараат помош, толку и самите ќе бидат поддржани да се пројават.
Мојот апел е да се работи на превенција затоа што превенцијата е најдобриот лек за која било психолошка состојба. Но, доколку веќе е почнато да се случува нешто што е поврзано со овој тип состојби, тогаш дефинитивно навремената реакција и раното барање помош се најдобрата опција за кој било млад човек. Без разлика дали е обраќање кон класниот раководител, кон психолошката служба во училиштето, барање помош од браќа или сестри/братучеди/пошироко семејство – која било личност што детето/младиот човек го чувствува како сигурна конекција и човек што може да му пружи заштита во ваквата состојба на немоќ.