Генералниот директор на Vega IT, Саша Поповиќ ќе биде говорник на претстојната конференција The Economist MeetUp: Светот во 2026, во декември оваа година.
Од првите студентски денови исполнети со постојано учење и практична работа, до отворање канцеларии во Лондон, Њујорк и Ријад – приказната на Vega IT е пример како посветеноста, трпението и вистинските вредности градат успешна компанија на глобалниот пазар. Во интервјуто со Саша Поповиќ, откриваме како раните лекции стекнати на Факултетот за технички науки во Нови Сад станаа темел на деловната филозофија на Vega IT, како се изгради модел на работа исклучиво со странски клиенти и зошто секој чекор беше воден од желбата да се вложи повеќе од минимумот. Приказна за амбиција, упорност и визија што постојано се надградува.
Саша Поповиќ ќе биде говорник на претстојната конференција The Economist MeetUp: Светот во 2026, во декември оваа година.
Вашата претприемачка приказна започнува уште за време на студиите на Факултетот за технички науки во Нови Сад. Како тие рани денови го обликуваа вашиот пристап кон учење и работна етика?
За време на студиите постоеше реална потреба секојдневно да учам и да стекнувам нови знаења. Имаше различни начини на кои тоа можеше да се постигне, но јас отсекогаш го преферирав пристапот на целосна посветеност – да не ги одложувам обврските, туку да ги совладувам додека информациите сè уште се свежи. Конкретно, редовно присуствував на предавања и вежби, полагав испити во првите сесии, со што си обезбедував простор за дополнителни активности – како стекнување практично искуство во програмирање или работа на други проекти за дополнителна заработка. Таквиот пристап кон студирањето ми овозможи секогаш да одам чекор понатаму.
Како тие принципи на учење и посветеност ги вградивте во основањето на Vega IT?
Подоцна, токму тие принципи ги вградивме и во основата на нашата компанија – преку континуирано учење и личен развој.
Уште за време на студиите сфатив колку е важно да се вложи дополнителен труд – токму тоа нè издвојува од другите. За да се положи испит, доволно е да се совлада основното. Но, ако сакаш да се истакнеш, мораш да инвестираш повеќе – и труд, и време. Истото важи и за бизнисот. Ние не се задоволуваме само со она што е неопходно, со она што пазарот го бара или што клиентите го плаќаат – секогаш се стремиме да понудиме повеќе.
Како ги советувате младите денес врз основа на тоа искуство?
Често им советувам на студентите своето слободно време да го искористат за практична примена на знаењето. Навиките и принципите стекнати за време на студирањето можат значително да помогнат при започнување сопствен бизнис, особено во првите чекори.
И денес, во работењето, се стремиме да вложуваме повеќе од она што е задолжително – постојано инвестираме во развојот на компанијата. Целиме кон повисок квалитет и интересна услуга за пазарот. Во денешно време, исклучително е важно колку брзо ги усвојуваме новите технологии и методологии, и колку сме иновативни и проактивни во соработката со нашите партнери. Затоа, сличностите меѓу пристапот за време на студиите и начинот на кој ја водиме компанијата денес се сосема очигледни.
Vega IT е позната по тоа што е целосно во домашна сопственост и што работи исклучиво со странски клиенти. Како започнавте да го градите овој модел на работење?
Од самиот почеток на основањето на компанијата работевме со клиенти од странски пазари. Би рекол дека ваквиот бизнис модел го градевме многу трпеливо, стремејќи се секогаш да им понудиме на нашите клиенти не само квалитетна услуга, туку услуга со која ќе бидат воодушевени.
Резултатот од тој пристап беше тоа што клиентите остануваа со нас со години и нè препорачуваа едни на други. Често се случува некој од клиентска компанија да премине во друга фирма и, речиси без исклучок, да нè препорача како сигурен партнер вреден за соработка.
Како ги стекнавте првите клиенти и на кои пазари најпрво се фокусиравте?
Се разбира, на почетокот тоа не беше лесно. Почнавме со личните контакти од странство што Владaн и јас ги стекнавме преку фриленс проекти уште пред да ја основаме компанијата. Првично се насочивме кон пазарот на Холандија, а потоа постепено се проширивме и на пазарите во Англија, Германија и други земји.
Какви придобивки донесе стратегијата на диверзификација на пазари и индустрии?
Релативно брзо ја увидовме големата предност на диверзификацијата – работејќи на различни пазари и континенти, со компании што функционираат во различни валути и индустрии. Тоа ни донесе бројни придобивки. Диверзификацијата ни овозможи поголема стабилност, но и стратешка предност. Често референците стекнати на едно пазариште ни отвораа врати на други. На пример, силна препорака од Англија знае да биде многу корисна и релевантна и во Холандија, Обединетите Арапски Емирати, САД итн.
Дали потеклото од Балканот беше предизвик во градењето на меѓународен успех?
Она што на почеток беше и предизвик, но и мотивирачки фактор, беше фактот што нашата компанија е со седиште во Нови Сад. За разлика од Белград, Нови Сад нема развиена бизнис сцена, што значеше дека немавме многу простор да нудиме услуги на локалниот пазар. Тоа, веројатно, уште повеќе нè мотивираше од самиот старт да размислуваме глобално.
Како се справувавте со предизвикот на оддалеченост и ограничен директен контакт со клиентите?
Еден од најголемите предизвици на овој модел, особено во периодот кога работевме исклучиво од Србија, беше ограничениот директен контакт со клиентите. Долги години комуникацијата беше целосно онлајн, што е ефикасно до одреден степен, но не дозволува целосно да се развие односот со клиентот. Физичкото присуство, времето поминато во нивните канцеларии – тоа е незаменливо искуство. Затоа, патувавме кај клиентите и секое враќање значеше нови проекти, нови сознанија и нови очекувања.
Како одлучивте да отворите канцеларии во странство и што донесе тој чекор?
Токму тоа беше една од главните причини зошто решивме да отвориме канцеларии во земјите каде што веќе имаме клиенти. Денес Vega IT има канцеларии во Лондон, Њујорк и Ријад, со тенденција за понатамошна глобална експанзија.
Сѐ беше резултат на долгорочни вложувања – во градење односи со луѓето, во квалитетна услуга, во трпеливо создавање репутација и мрежа. Тоа ни овозможи денес успешно да работиме исклучиво со странски клиенти.