Home » Институционален и уличен криминал

Институционален и уличен криминал

by Журнал.мк

За жал, односот на силата меѓу институционалната и уличната мафија е на страната на мафијата во институциите на системот. Од тој аспект, „борбата“ против уличната мафија, во една своја димензија, може да се разбере и како елиминирање на конкуренцијата или, пак, замена на едни валкани извршители со други.

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Не знам дали е од незнаење или од други (пред сѐ политички) причини, ама сосема е јасно дека актуелната (по којзнае кој пат) политичка офанзива за борба против криминалот и корупцијата, недозволиво не прави разграничување меѓу криминалот и корупцијата во институциите на системот и уличниот криминал.

Јасно е дека и институционалниот и уличниот криминал подеднакво се опасни и погубни, како за граѓаните, така и за државата. Сепак, по својата институционална тежина и економско-финансиските последици, криминалот во институциите на системот е драстично и драматично поопасен и поштетен отколку уличниот криминал.

Ова до толку што правните, економските и финансиските последици од институционалниот криминал се стотици пати поголеми отколку последиците од уличниот криминал.

„МАФИЈА“

Тоа ми дава за право да констатирам дека „државата“ можеби ќе почне борба со уличниот криминал, но многу помала е веројатноста дека ќе се собере волја, моќ и кадровски потенцијал за да се почне борба со криминалот и корупцијата внатре во институциите на системот.

Доказ за тоа е самиот чин и текот на постапката за примање поткуп и противправно влијание (трговија со моќ против, сега веќе разрешените судија на Врховниот суд Наќе Георгиев и заменик-претседателот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети.

Да не беше состојбата на политичкиот меѓупростор, создаден со менувањето на власта по изборите и кривичната пријава од страна на полицијата, мала е веројатноста дека тој процес ќе беше воопшто отворен.

Ама тоа е капка во морето! Ајде само да потсетиме на катастрофалните правни, финансиски и морални последици од измените на Кривичниот законик, грабежите на милионски суми евра од Буџетот преку најразлични тендери, доделувањето пари на приватни компании (како онаа во Тетово за изградба на фабрика за возила на електричен погон), ослободување од даноци на супер профитабилни компании итн.

За жал, односот на силата меѓу институционалната и уличната мафија е на страната на мафијата во институциите на системот. Од тој аспект, „борбата“ против уличната мафија, во една своја димензија, може да се разбере и како елиминирање на конкуренцијата или, пак, замена на едни валкани извршители со други.

ЈАЛОВИ ПРЕПУКУВАЊА

Криминалот и корупцијата, независно дали се во институциите на системот или на улица, се како пиреј. Тешко се искоренуваат. Особено ако се има недоследен и селективен пристап.

Актуелната власт и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, со право укажуваат на криминалот и корупцијата на своите претходници во лицето на Зоран Заев и Али Ахмети, но би биле многу поверодостојни ако кон нив ги приклучат и мегакриминалите на Никола Груевски, Сашо Мијалков, Камчев и другите придружни вокали во годините од пред доаѓањето на СДСМ на власт.

Вака, каква корист имаат граѓаните од меѓусебните јалови партиски препукувања и обвинувања за вина од страна на политичките партии и нивните „лидери“.

Никола! И уште повеќе, останува горчливиот вкус дека криминалите, независно од нивната партиска припадност, меѓусебно се штитат. Впрочем, последиците од измените на Кривичниот закон се недвосмислен и потврден доказ за тоа.

П.С. Наравоучение наместо заклучок. Во Република (Северна) Македонија, криминалот е исплатливо занимање, но само ако е организиран и под капата на највисоките врвови на државната власт и партиските ,,лидери“. Уличниот криминал е само средство и монета за поткусурување во политичката борба за да се оствари превласт во сите сегменти на животот – од синдикатите и полицијата до дилерите на дрога и професионалните убијци.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk