При акциска контрола во дваесетина угостителски објекти на подрачјето на Куманово, во текот на викендот, Државниот пазарен инспекторат времено затвори и запечати четири угостителски објекти во кои имало лица кои не поседувале вакцинален сертификат, а на 13 им е изречена глоба од страна на Управата за јавни приходи бидејќи не издавале фискални сметки.
Во акцијата, спроведена од страна на Одделот за криминалистички работи, Единицата за брзо распоредување, СВР Скопје, во координација со Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи, четирите угостителски објекти се времено затворени бидејќи во нив биле затекнати 25 лица кои не поседувале Ковид-сертификат, соопштија од МВР.
За 13 објекти е изречена глоба од страна на Управата за јавни приходи, поради неиздавање на фискални сметки, односно нерегуларности во прикажување на промет.
На три објекти од страна на инспекторите им е побарана дополнителна документација, а на уште еден објект е изречена санкција поради непочитување на Законот за угостителска дејност.
„Дополнително, на три лица ќе им биде изречен поднесок согласно Законот за лична карта. По документирање на сите констатирани прекршоци против сторителите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, информираат од МВР.