Ревизијата обезглавена во партиското менгеме на СДСМ и ДУИ

0

По јавното конфронтирање на владините партнери околу изборот на првиот човек на Државниот завод за ревизија, СДСМ и ДУИ, како што дознава НОВА, доставиле до претседателот на Собранието Талат Џафери барање да се објави оглас за избор на заменик – директор на оваа институција.

На предлог – одлуката која пред два дена ја доставиле до Претседателот на Собранието Талат Џафери се потпишани координаторите на пратеничките групи на СДСМ и на ДУИ Јован Митрески и Ејуп Алими.

„Собранието треба да избере нов заменик на главниот државен ревизор поради истекот на мандатот на заменикот. Поради ова предлагаме Собранието да донесе одлука за објавување јавен оглас за избор на заменик на главниот државен ревизор“ пишува во предлог одлуката.

Кандидатите кои ќе конкурираат за заменик на главниот ревизор треба да имаат завршено високо образование – правни или економски науки, да имаат седум години искуство во областа на економијата и правото, да поседуваат меѓународно признат сертификат за познавање на англиски јазик. Исто така, меѓу условите е наведено дека заменикот не смее да е член на парија, ниту член на управен или надзорен одбор, а огласот ќе трае 15 дена, откако ќе биде објавен од страна на Собранието.

Предлогот за избор на заменик е испратен до Џафери пет дена откако на собраниската Комисија за избори и именувања пропадна обидот да се избере нов директор на Државниот ревизор. На оваа седница СДСМ го предложија Адем Цури, ДУИ  заменикот на оваа институција Насер Адеми, ВМРО ДПМНЕ не гласаа за ниту еден од кандидатите, а БЕСА го поддржа предлогот на СДСМ.

Од ДУИ тогаш изјавија дека Државниот завод за ревизија добил одлични оценки под раководство на Адеми и затоа тој треба да продолжи да раководи со институцијата, а од СДСМ реплицираа дека „ДУИ на својот  кандидат треба да му најде соодветна позиција на друго место“.

По ваквото директно и јавно несогласување на комисијата за избори и именувања,  сега од СДСМ и од ДУИ не коментираат дали двете главни функции во Државниот ревизор (директор и заменик) ќе се гласаат во пакет, односно дали има компромис по заедничкиот предлог да се објави огалс и за заменик- директор. Од двете партии само повторуваат дека се свесни за значењето на оваа институција и дека проблемот мора да се надмине што поскоро, но конкретно решение се уште нема.

Агонијата со изборот на нов директор на Државниот завод за ревизија трае цели две години. Огласот за избор на нов директор беше објавен во Службен весник пред две години, на 22 декември 2017 година. И оттогаш изборот континуирано се одложуваше се додека, не му прекина мандатот и на заменикот Насер Адеми–кој досега беше потписник и ја вршеше работата на главниот ревизор, а чија функција формално заврши пред еден месец, односно на 4 октомври.

Во меѓувреме по оставката на пратеникот Весел Мемеди, власта го загуби и мнозинството во Комисијата за избори и именувања со која претседава Илија Димовски од ВМРО ДПМНЕ, што го отежнуваше свикувањето на седницата, но и кога таа ќе се закажеше, власта бараше одложување на точката поради нестабилното мнозинство.

Вработените во ДЗР со апел: Без потписник оваа институција е блокирана

Јавноста постојано укажува на потребата да се избере директор на оваа исклучително важна институција која го контролира трошењето на парите на државните функционери  и која успеа да го задржи својот интегритет кога многу други институции кои беа задолжени да алармираат за незаконско работење, потфрлија. Но, освен стручната јавноста, апел до сите институции испратија и вработените во Државниот завод за ревизија.

Во писмо адресирано до целиот државен врв тие порачуваат дека „функционирањето на оваа институција е блокирано“.

-ДЗР треба да остане надвор од политиката и партиските договарања, велат ревизорите и предупредуваат дека одложувањето на изборот ја доведува во прашање целокупната работа на Заводот за оваа година, бидејќи:

  • нема да можат да се достават конечни извештаи до субјектите за извршените ревизии кои сега се во нацрт,
  • во тек е вршење на ревизии, за кои нема да можат да се достават извештаи до субјектите и засегнатите страни,
  • поради неможност да се најават кај субјектите на ревизија, нема да можат да започнат со ревизии согласно Годишната програма за 2019 година,
  • реализацијата на преземените обврски и активности од меѓународната соработка со други ВРИ, и (кооперативни, паралелни) ревизии кои се од исклучителна важност не само за ДЗР туку и за целата држава, бидејќи единствено само преку нив може да се констатираат и споредат достигнувањата за одредена проблематика во однос на другите држави,
  • Нема да може да се донесе Годишната програма за работа на ДЗР за следната 2020 година;
  • Нема да можат да се платат режиските и другите основни трошоци за работењето на институцијата како и други обврски кои произлегуваат од договорите за јавни набавки,
  • Нема да може да се исплатат плати (или пензионирање), поради што вработените ќе останат без социјално и здравствено осигурување и кредитните обврски,
  • ДЗР нема да може да ги исполни обврските од изборното законодавство во однос на предвремените парламентарни избори

Последниот Ревизорски извештај беше објавен на 25 октомври за општина Струга.  Деталната анализа и наводите на ревизорите за тоа како се трошеле парите на стружани беше основа Антикорупциската комисија да поднесе иницијатива до Обвинителството за кривична пријава против градоначалникот Рамиз Мерко за незаконско и работење спротивно на интересите на граѓаните.

Mерко добил три пати поголем буџет на блокирана сметка на Општината

Сите апели и критики од стручната јавност и ревизорите досега не допреа до владините партнери – и покрај изговорите дека се бара професионалец, одложувањето на изборот сепак упатува на политички договорања.

Главниот ревизор треба да ги идентификува и презентира сите неправилности, случаи на незаконско работење и можни случаи на корупција и злоупотреба на функција. Односот кон овие институции кои треба да бидат независни, е тест за подготвеноста на било која власт да биде подложна на контрола за тоа како ги трошат парите на граѓаните.

Izvor: NOVA TV