Стратешки дијалог на Западен Балкан во Женева

    0

    Добра вест е дека нема земја-членка на ЕУ која е против проширувањето, што е потребно земјите-кандидати да продолжат со евроинтеграцијата и реформите, истакна премиерот Заев на стратешкиот дијалог на Западниот Балкан во организација на Светскиот економски форум во Женева.

    Заев потенцирал на лидерскиот состанок дека целиот регион очекува полноправно членство во Европската Унија.

    Изјава Зоран Заев-Претседател на Владата

    „Испративме сигнал до Европската Унија дека нема друга алтернатива на полноправното членство во ЕУ за целиот регион. Нема друг начин за Западниот Балкан освен патот што го очекувавме, процесот на интеграција на целиот регион во Унијата. Исто така нема држави кои се против проширувањето. Тоа е многу важна порака, оти ни е потребна да го продолжиме нашиот процес.“ Следните 6 месеци ќе бидат многу добри за нас, бидејќи Хрватска ќе биде Претседавач со ЕУ и ќе го врати фокусот на регионот. Мора да продолжиме со процесот на реформи за да на следниот самит во Загреб добиеме позитивна одлука за почеток на преговори за Северна Македонија и Албанија.“

    На маргините од лидерскиот состанок, шефот на дипломатијата Никола Димитров и министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас размениле видувања за најновата состојба во билатералните односи, состојбите во регионот, како и неговата европска перспектива по исходот на последниот Европски совет. Димитров изразил задоволство од досегашната соработка со Грција и очекувањето земјата да продолжи да биде наш силен поддржувач и промотор на нашата интеграција во ЕУ.  Двајцата министри се согласиле дека постојат можности за унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на билатералната соработка во сите области од заеднички интерес со понатамошната имплементација на Преспанскиот договор.