Првата казна е само почеток: Наполи допрва може пожестоко да удри по џебот на ѕвездите!

0

Откако италијанските медиуми објавија дека фудбалерите на Наполи, меѓу нив и македонскиот бисер Елиф Елмас ќе добијат парична казна од пет отсто од месечните примања поради бојкотот на карантинот, што го наредил првиот човек Аурелио Де Лаурентис, нема да биде единствена за целиот хаос, туку – само почеток.

Адвокатот Пјерфилипо Капело за италијанските медиуми објасни дека фудбалерите на Наполи допрва ќе се соочат со вистинската парична казна и Де Лаурентис допрва силно ќе ги удри по џебот, зашто првата која е објавена е очекувана и по автоматизам активирана поради договорите што клубовите ги имаат со синдикатот на фудбалери и Серија А, како здружение на елитни клубови.

Според Капело, Наполи има регуларна и чиста патека за сериозно да ги казни наполитанците, зашто тие го прекршиле натпреварувачкиот дел, од причина што карантинот се смета како дел од подготовката за мечеви и не е некаков вид на казна за лоши резултати. Адвокатот посочува дека во овој случај кога има бојкот на вработените (играчите) против работодавецот (првиот човек Де Лаурентис), првата казна е пет отсто од месечните примања, казна која доаѓа по автоматизам, а фудбалерите имаат право на жалба.

Но, вториот дел од целиот счлучај е многу полош за играчите, зашто клубот сега има отворен пат да делува пред арбитражна комисија и да бара уште построги санкции, а тоа е до 25 отсто од бруто месечната плата, односно 50 отсто од нето платата). Ова би значело дека ако за секој фудбалер се активира ваквата постапка, македонскиот бисер Елиф Елмас би останал без 50 илјади евра предвидени пари од платата за учество во бунтот.

Сепак, посочува Капело оваа процедура е многу комплексна и тешка правна „авантура“, но е можна, зашто треба против секој играч од клубот посебно да се поднесе ваква постапка, а невозможно е според правилниците да се постапи со колективна „тужба“.

Останува да се види какви се последици ќе има во целиот хаос под Везув, иако веќе е најавено дека на зима сите организатори на бунтот ќе бидат протерани, а се вкупно петмина – Мертенс, Инсиње, Калјехон, Кулибали и Алан.

Вчера фудбалерите на Наполи тренираа на „Сан Паоло“, а ултрасите ги дочекаа фудбалерите со повици дека се платеници, додека околу 600 навивачи на трибините кои присуствуваа на тренингот ги исвиркаа и навредуваа доскорешните миленици.