Фон дер Лејн бара од идниот комесар за проширување да се залага за преговори со Македонија

    0

    Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејн, во писмото испратено до кандидатот за комесар за проширување, Оливер Вархелји, очекува од него да продолжи да се залага за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

    Праксата налага избраната претседателка да им ги испрати во писмена форма мисиите за кои очекува нејзините кандидати за комесари да работат во текот на нивниот петгодишен мандат.

    Претседателката експлицитно му порачува на кандидатот за еврокомесар дека нејзината Комисија “ќе застане зад предлогот да започнат преговорите со Северна Македонија и Албанија“.

    Понатаму, во писмото до Унгарецот Оливер Вархелји бара “кредибилна европска перспектива“ за земјите од Западниот Балкан.

    -Императивно е да го одржиме и забрзаме напредокот во наредните пет години преку систем на оценување на секоја земја кандидат заснован врз сопствените заслуги и да одржиме кредибилна перспектива за членство, стои во задачите за кои ќе биде задолжен Вархелји во делот на проширувањето кон Западниот Балкан.

    Фон дер Лејн очекува од него и да работи на “забрзување на структурните и институционалните рефоми, со силен фокус врз темелите на владеењето на правото, економскиот развој и реформата на јавната администрација“.