Home » Инцидентите во бугарска режија се пораз за меѓународната дипломатија

Инцидентите во бугарска режија се пораз за меѓународната дипломатија

by Журнал.мк

По одбивањето на бугарскиот амбасадор да ја прими протестната нота

Протестните ноти вообичаено се упатуваат во случај на појава на некаков инцидент и по правило се пишуваат на начин да се избегне секаков облик на груби зборови, обвинувања или нешто слично. Во светот, како и во земјите со богата дипломатска традиција, протестната нота не се прифаќа само во случаи ако е напишана на непримерен начин, без оглед на тоа што дипломатите на кои им се упатува мислат за целата работа, објаснуваат експертите

Петти ден не стивнуваат одгласите по скандалозното однесување на бугарските домаќини за време на посетата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова на Софија, која беше пречекана спротивно на востановените протоколарни практики, без оглед на карактерот на посетата со кој деновиве се правда официјална Софија.

Откако стана јасно дека станува збор за смислена провокација од страна на Бугарија кон претседателката Силјановска-Давкова, македонското МНР го повика на разговор новиот бугарски амбасадор во земјава Желјазко Радуков за да му биде врачена протестна нота поради неистакнувањето на државното македонско знаме при фотографирањето со бугарскиот претседател Румен Радев, но бугарскиот дипломат одби да ја прифати протестната нота од Скопје.

Со таквиот чин бугарскиот амбасадор, кој само пред неколку дена ги предаде акредитивите на македонската претседателка, најдрско го прекрши дипломатскиот кодекс и направи нов дипломатски инцидент, со што уште еднаш потврди кои биле вистинските намери на официјална Софија.

Одбивањето на протестната нота е нов обид за демонстрација на моќ

Несомнено, одбивањето на протестната нота од страна на бугарскиот амбасадор во земјава е обид од бугарска страна за ново понижување на државата Македонија, односно нова демонстрација на моќ и јасна намера со земјава да се разговара исклучиво од позиција на моќ. Во вакви случаи најмалку што може да направи македонската страна е да му го откаже гостопримството на Радуков и тој да се прогласи за непожелен.

Поранешни дипломати и познавачи на дипломатските практики немаат никаква дилема дека одбивањето на бугарскиот амбасадор Радуков да ја прими протестната нота во македонското МНР, всушност, е јасна порака од бугарска страна дека тие ќе продолжат со надмената политика над земјава и дека ќе ја користат позицијата на моќ.
– Одбивањето да се прими протестна нота на една држава е многу тежок дипломатски инцидент и реално се случува многу ретко во меѓудржавните односи. По правило, дипломатот што одбил да ја прими таквата нота, се прогласува за непожелен и се протерува од земјата што сакала да му ја врачи нотата – објаснува Драган Јањатов, дипломат во пензија, кој се сомнева дека ќе му биде откажано македонското гостопримство на Радуков и вели дека доколку не биде протеран, ѝ се прави уште поголема штета на државата.

Осврнувајќи се повторно на инцидентот со неистакнувањето на македонското знаме за време на фотографирањето меѓу македонската претседателка и бугарскиот претседател, Јањатов е категоричен дека станува збор за тешка бугарска провокација на подадената рака од страна на Македонија.
– Неистакнувањето на македонското знаме не е единствениот гаф во оваа посета. Таа, уште пред да се случи, од привремениот премиер на Бугарија беше оквалификувана како „фрлање прашина во очите на јавноста“. Тоа е намерно смислена тешка политичка провокација од бугарска страна и неприфаќање на подадената рака. Без оглед на карактерот на посетата, македонската претседателка немаше вообичаен државнички третман, почнувајќи од соодветна церемонија на пречек и испраќање, постојана придружба и безбедносен ескорт, придружба во театарот, конференција за печат по разговорите и друго. Сѐ беше направено посетата и претседателката Силјановска-Давкова да се омаловажат и да се дискредитира Македонија. Немаше никаков протоколарен пропуст, туку намерно типично бугарско подметнување – категоричен е Јањатов.

И другите соговорници се осврнаа на чинот на одбивање да се прими протестната нота од страна на бугарскиот амбасадор Радуков, истакнувајќи дека е невообичаено да се одбие веднаш протестната нота од една земја и дека тоа е класичен доказ за непочитување на земјата домаќин.
– Работа на амбасадорот и негова задача беше да ја прими таа протестна нота, без оглед на нејзината содржина. Веројатно во македонското МНР бил повикан за да му се соопшти македонскиот став околу инцидентот со неистакнувањето на знамињата и прекршувањето на претходно договорениот протокол – велат познавачите.

Бугарскиот потег е целосно надвор од дипломатската пракса

Според нив, ваквиот потег е целосно надвор од дипломатската пракса бидејќи задача на дипломатијата е да биде канал за комуникација, да разговара дури и кога односите се на најниско ниво, какви што впрочем се односите меѓу Македонија и Бугарија во последните неколку години.
– Бугарија ја користи професионалната дипломатија за политички и дневнополитички цели, имајќи предвид дека оваа земја наскоро повторно ја очекуваат избори и затоа одново се вклучува Македонија во тамошниот изборен процес – објаснуваат дипломатите.

Тие додаваат уште и дека во дипломатската практика нотите, па и оние протестните, се вообичаен начин за комуницирање меѓу државите.
– Протестните ноти вообичаено се упатуваат во случај на појава на некаков инцидент и по правило се пишуваат на начин да се избегне секаков облик на груби зборови, обвинувања или нешто слично. Во светот, како и во земјите со богата дипломатска традиција, протестната нота не се прифаќа само во случаи ако е напишана на непримерен начин, без оглед на тоа што мислат за целата работа дипломатите на кои им се упатува ваквата нота – заклучуваат нашите соговорници.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски очекува извинување од соседна Бугарија оти беше изоставено поставувањето на македонското знаме при средбата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова и нејзиниот бугарски колега Румен Радев во Софија.

– Доколку другата страна пристапува во бона фиде, како што ние пристапуваме, тогаш природно е по ваква протоколарна грешка да се извини и може да каже дека беше грешка и дека не била целта каква било форма на навредување или меѓусебно понижување – рече шефот на дипломатијата во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.

Муцунски беше запрашан дали воопшто ќе имаше државна реакција за отсуството на македонското знаме при средбата меѓу Силјановска-Давкова и Радев ако не беа реакциите во македонската јавност.
– Свесни бевме за тоа што се случи, јасно увидовме дека постои дискрепанца меѓу договорениот протокол и тоа што се случи во пракса, но одлучивме, поради специфичноста на моментот, таму да реагираме на таков начин како што се реагираше – истакна Муцунски. С.Т.

Бугарија ќе ја добие македонската протестна нота по дипломатски пат
Македонското МНР протестната нота на бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков ќе му ја врачи по дипломатски пат, откако тој завчера одби лично да ја прими во просториите на Министерството.

Содржината на нотата се однесувала на неистакнувањето на македонското државно знаме за време на средбата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев.

Од друга страна, бугарските медиуми пренесоа дека Радуков не ја примил нотата од македонска страна бидејќи сметал дека не бил прекршен ниту еден протокол. С.Т.

Радев: Посетата не беше ниту официјална ниту работна, затоа го немаше знамето
Бугарскиот претседател Румен Радев истакна дека посетата на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова не била ниту официјална ниту работна, па затоа не било истакнато македонското знаме.

Како што пренесува бугарската информативна агенција „Фокус“, Радев порачал дека со претседателката на РС Македонија имале многу искрен и конструктивен разговор во пријателска атмосфера.
– Очекувам оваа искажана желба за отвореност да ја преземе Владата на РСМ, но нека биде јасно дека ова не беше ниту државна ниту работна посета. Се надевам дека во блиска иднина претседателката на РС Македонија ќе оствари државна посета, која со сите официјални средби во согласност со протоколот ќе придонесе и за натамошен развој на нашите односи. Ако го следиме протоколот, на ред е јас да одам таму – изјавил претседателот Радев. С.Т.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk