Home » Има ли „лек“ за долговите во здравството

Има ли „лек“ за долговите во здравството

by Журнал

Здравството тоне во долгови, граѓаните се жалат на лоши услуги, кои мораат да ги плаќаат и покрај тоа што одвојуваат пари за осигурување. Ова е сликата на македонскиот здравствен систем. Незадоволни пациенти, одлив на медицински персонал и само долгови е секојдневието во здравството.

„Утрово од 7 часот чекам, дури сега попладнево завршив работа, нема ниту лекари, ниту персонал, голем проблем е“, вели пациентка.

„Катастрофа! Се се плаќа, ретко да најдеш лек, што оди преку Фондот за здравство“, вели друг пациент.

Државните клиники, болниците и останатите установи лани завршиле со вкупен долг од нешто над 60 милиони евра. Тоа е за дваесетина милиони евра помалку од претходната година, но долговите не се намалуваат. Се почна откако го сменивме здравствениот систем пред триесеттина години, кој беше добар, вели поранешниот директор на велешката болница Димитар Стровјаноски.

„Бараме да реформираме еден систем, кој што како урнек го земаа нордиските земји, кои го имплементираа, па дури и го надградија и проширија. Требаше да ги следиме нив, а не да правиме реформи, како што се менуваа политичките номенклатури. Политиканството и популизмот одиграа клучна улога во грешките во здравството“, вели Димитар Стровјаноски, поранешен директор на Општа болница Велес.

Најголем должник е Службата за општи и заеднички работи, која ги опслужува потребите во здравството. Дури една третина од вкупниот долг отпаѓа на оваа институција. Таа е и четвртата најзадолжена државна институција воопшто. Веднаш зад неа е клиникара за онкологија, која ја тресеше голем корупциски скандал. Во јуни лани претходниот министер Фатмир Меџити најави дека ќе раскрсти со заедничката служба, оти освен трупање долгови, не знаел што работи. Меџити замина, а службата продложи да трупа долгови. Новиот министер допрва ќе размислува што со неа.

„Во моментов се анализираат околностите и за ставот од Министерството за здравство ќе Ве информираме дополнително, откако министерот за здравство д-р Илир Демири ќе се сретне со директорот на Службата за општи и заеднички работи. За долговите во јавно-здравствените установи ќе се изнајде решение, кое ќе биде базирано на рационалност, ќе се троши само тоа што е неопходно за да може да се исплатат долговите“, велат од Министерството за здравство.

Стровјаноски смета дека клучот за раздолжување на здравството е административен.

„Дел од долговите треба да се отпишат бидејќи се фиктивни. Ако болница нема амбулантно возило, ќе побара од Здравствен дом, две здравствени установи кои се под државно финансирање, но едната на другата и фактурира за услугата, па така се создава долг, кој не мора да го има, може да се пребие. Во делот на трошењето, мора да се води поголема грижа. Ниту една ајвна здравствена установа во цел свет не може да прави профити“, вели Стровјаноски.

Дека драстично намалување на долговите е можно, покажува примерот со кичевската болница, која според податоците на Министерството за финансии, лани во септември должела преку 21 милион евра, а три месеци подоцна долгот е сведен на само 570 илјади евра.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More