Home » Има ли кредибилитет Европа да зборува за почитување меѓународни договори?

Има ли кредибилитет Европа да зборува за почитување меѓународни договори?

by Журнал.мк

Бурни реакции во јавноста предизвика давањето на свечената заклетва на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова во Собранието, кога изговарајќи ги зборовите од заклетвата ја изостави географската одредница од името на државата.
На тоа бурно реагираше грчката амбасадорка Софија Филипиду, која демонстративно ја напушти собраниската свечена ложа, по што следуваше и реакција на грчкото министерство за надворешни работи, во која се посочи дека меѓународните договори мора да се почитуваат.
Но уште погласно реагираа челниците на Европската Унија, кои честитката за новоизбраната претседателка ја завршија со порака дека Македонија мора да ја почитува Преспанската спогодба.
– Многу е разочарувачки што новата претседателка на С. Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, не го употреби уставното име на државата на церемонијата на заклетва. ЕУ потсетува на важноста од континуирано спроведување на правно обврзувачките договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција – сподели на социјалната платформа Х претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Слична реакција пристигна и од актуелната претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која најпрво ѝ честиташе на Силјановска-Давкова на изборот, за потоа да ја опомене дека мора да ја почитува Преспанската спогодба.
– Честитки, Гордана Сиљановска-Давкова, првата жена претседател на С. Македонија. Вашето лидерство доаѓа во клучен момент, додека вашата земја ги унапредува своите реформи и продолжува на патот кон ЕУ. Со нетрпение очекувам да соработувам со вас – напиша Фон дер Лајен во објава на Х.
По три часа таа ја дополни честитката со потсетување за обврските на новата претседателка.

– За С. Македонија да продолжи по својот успешен пат кон членство во ЕУ, од најголема важност е да го продолжи својот реформски курс и целосно да ги почитува своите обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа – порача претседателката на ЕК.
Експресната реакција на ЕУ, од оваа перспектива, изгледа како врв на европската хипокризија, која сега изразува жалење поради тоа што новата македонска претседателка не ја споменала географската одредница во името на државата и така прекршила меѓународен договор, а во ниту еден момент претходно не покажа ниту ронка жалење што Грција флагрантно неколку години ја прекршува Преспанската спогодба така што не ги ратификува трите меморандума, не ги промени таблите во северниот дел на земјата каде што уште стои референцата ФИРОМ, со образложение дека „тоа било премногу сентиментално за тамошните жители и за локалните власти“.
Истовремено, ЕУ не изрази жалење ниту кога не ги отвори пристапните преговори со Македонија во моментот кога земјата го промени уставното име, иако претходно сите европски челници го ветуваа и го најавуваа тоа на голема врата.
– Реакциите на првиот човек на Европскиот совет и на претседателката на ЕК се очекувани и повеќе од извесно е дека доаѓаат под притисок на Грција. ЕУ нема никаков кредибилитет да ја опоменува Македонија за непочитување меѓународни договори, кога истата таа ЕУ не ја признава одлуката на сопствениот суд, Меѓународниот суд на правдата, кој пресуди во полза на Македонија во спорот со Грција, па земјава повторно не можеше да се зачлени ниту во НАТО, ниту, пак, да ги почне преговорите со ЕУ. Ако некој треба да изрази жалење за целата ситуација, тоа е Македонија затоа што прифати нешто што не би го прифатил никој друг. Од друга страна, ЕУ имаше одлична можност по промената на името на државата како гест на добра волја да ги отвори преговорите со земјава и да ги води на брз колосек, за да ја исправи неправдата што ја правеше две децении, но и да даде пример за сите други, дека Европа ги исполнува дадените ветувања. Таа не го направи тоа, туку дополнително го навлече гневот и го засили разочарувањето кај македонските граѓани, кои сега со право сметаат дека се изиграни и затоа кај нив се јавува револтот кон Преспанската спогодба. На сето тоа кумуваше и тоа што официјална Атина не правеше ништо од своја страна во делот на имплементација на своите обврски, не покажа ниту трошка толеранција околу проблемот со замената на личните документи, макар тоа да значеше некаков пролонгиран симболичен рок од шест месеци, во духот на добра волја. Проблемот е во тоа што наместо ЕУ и Грција да покажеа дека македонската жртва не била залудна и дека договорот од Нивици ги отворил европските врати за земјава и ги затоплил односите меѓу двете земји, тие буквално ги понижија македонските граѓани така што најбезобразно ги изиграа и со почетокот на преговорите, но и со новото бугарско вето. Затоа, ЕУ наместо да изразува жалење, нека ја праша и официјална Атина зошто запна ратификацијата на трите меморандума и зошто уште стојат старите ознаки на северот на земјата. Тоа е фер однос кон толкувањето на еден меѓународен договор, да се провери што сме имплементирале ние, а што Грците, па потоа да се вперува прстот и да се кажува дека некој не ги почитува меѓународните договори – велат поранешни дипломати коментирајќи ги реакциите од Брисел.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More