Јувентус има доверба во тренерот Тиаго Мота и покрај вториот последователен тежок пораз, се зборовите на спортскиот директор на италијанскиот фудбалски клуб, Кристијано Џунтоли.
По понижувачкиот пораз од 4:0 на домашен терен од Аталанта минатиот викенд, „Старата дама“ загуби со 3:0 на гостувањето кај Фиорентина, со што тимот на Мота е на петтото место на табелата во Серија А, а тренерот под зголемен притисок.
– Во овие моменти сите треба да останеме обединети и заедно да ја поминеме кризата. Многу ни е жал, имавме година со подеми и падови, но никогаш не сме одиграле два последователни натпревари толку слабо. Убедени сме дека сите заедно можеме да го поминеме ова – изјави Џунтоли за „Скај Спортс“.
По поразот од Фиорентина, Мота беше категоричен дека нема да го напушти Торино:
– Би ми било премногу лесно да го направам тоа. Не сакам лесни работи – рече Мота на прашањето за можноста за оставка.