Јапонија воведува санкции кон Русија поради нејзините дејствија во Украина, изјави денеска премиерот Фумио Кишида, оценувајќи ги потезите на Москва како неприфатливо прекршување на украинскиот суверенитет и меѓународното право.
Западните земји во вторникот воведоа нови санкции за руските банки и елити, откако Москва прати војници во сепаратистичките региони во источна Украина.
Јапонските санкции вклучуваат забрана за издавање руски обврзници во Јапонија и замрзнување на имотот на одредени руски поединци, како и ограничување на патувањето во Јапонија, рече Кишида.
„Активностите на Русија многу јасно му штетат на суверенитетот на Украина и се против меѓународното право. Ние уште еднаш ги критикуваме овие потези и силно ја повикуваме Русија да се врати на дипломатските разговори“, рече тој.
„Ситуацијата останува доста тензична и ние ќе продолжиме внимателно да ја следиме. Деталите за санкциите ќе бидат разработени и објавени во текот на следните денови“, додаде тој.
Јапонија има доволно резерви на нафта и течен природен гас (ЛНГ), така што нема да има значително влијание врз снабдувањето со енергија на краток рок, рече Кишида.
Доколку цената на нафтата дополнително се зголеми, тој рече дека ќе ги разгледа сите можни мерки за ограничување на влијанието врз компаниите и домаќинствата.
Кишида рече дека Јапонија ќе остане во близок контакт со другите земји од Г7 и меѓународната заедница.
„Доколку ситуацијата се влоши, ние брзо ќе преземеме понатамошни активности“, додаде тој.
Јапонските пазари денеска се затворени поради национален празник.
Заострувањето на ставот на Јапонија е во спротивност со помекиот дипломатски пристап кон Москва што го преземаа јапонските влади во минатото, во обид да обезбедат враќање на островите окупирани од руските сили на крајот од Втората светска војна.
Односите на Јапонија со Москва, исто така, ги диктираше нејзината зависност од Русија за енергетските потреби. Во 2021 година, Русија обезбеди повеќе од 12% од јапонскиот термички јаглен и речиси една десеттина од нејзиниот ЛНГ.