Со мало задоцнување, но сепак во рамките на најавеното, Huawei официјално го претстави и пушти во бета верзија својот целосно независен од Android оперативен систем, HarmonyOS NEXT.
Засега, а целосно очекувано, системот ќе им биде достапен само на кинеските корисници, но сепак се очекува дека во иднина ќе им биде пуштен и на интернационалните корисниците на се’ уште доста популарните смартфони и други уреди од Huawei.
Падот на продажбите на Huawei во светот е позната работа веќе со години, како и причините за тоа, а од компанијата покажаа дека кинескиот пазар е доволно голем за да продолжат да функционираат без проблем.
Со претставувањето на HarmonyOS NEXT во иднина на другите пазари може да се очекува и овој систем да стане трет играч на пазарот и конкуренција на Android и iOS.
За почеток додека е во бета фаза, системот ќе им биде достапен на ограничен број на уреди од компанијата, но листата не е толку мала.
Од компанијата најавија и достапност на 15.000 апликации, па корисниците можат да очекуваат дека ќе им бидат достапни главните апликации на кои се навикнати досега.
HarmonyOS NEXT, за разлика од HarmonyOS, целосно е развиен од почеток, односно не го користи отворениот код од Android. Со тоа доаѓа и поразличен стил на корисничкиот интерфејс кој досега беше до некаде зависен од тој на Android.
Од тоа што може да се види од објавените слики, HarmonyOS NEXT, би рекол очекувано, доста наликува на iOS, а тоа е доста голем тренд кај кинеските производители. Достапни се и неколку функции кои беа претставени на iOS, како на пример можноста да се допрат двата телефони и да се сподели контактот или други датотеки.
Системот исто така доаѓа со доста голем дел од кодот направен за вештачката интелигенција, па корисниците ќе ги имаат сите популарни функции кои на запад во главно се достапни од OpenAI, Meta и Google.