На ланскиот CES настан за технологија, Honda го претстави концептот за нивната нова Honda 0 серија, односно Honda Zero серија. Се работи за целосно електрични возила со доста нестандарден дизајн, а за почеток може да се очекуваат две возила од серијата.
На CES 2025, кој моментално се одржува, Honda ги претстави првите две возила кои може да се очекуваат од идната година. Се работи за прототип од возилата, што значи дека до идната година сигурно може да се очекуваат одредени промени, а посебно кај дизајнот на истите.
Прототип возилата се наречени Honda 0 Saloon и Honda 0 SUV. Истите доаѓаат со најновата технологија од компанијата за електрични возила, а посебно се истакнува и можноста за автономно возење без потреба од внимание од страна на возачот.
Овие возила ќе функционираат на целосно нов оперативен систем развиен од Honda кој е наречен ASIMO OS. Ова име е доста познато и се користеше за роботот од компанијата кој беше претставен во 2000 година.
ASIMO OS ќе се користи како еден централен систем за функционирање на автомобилите, од климатизацијата и системот за забава, па се до автономното возење, амортизацијата и слично.
Презентацијата на Honda 0 Saloon и SUV, како и ASIMO OS можете да ги погледнете во продолжение.