Холандските групи за заштита на потрошувачите објавија дека имаат намера да поднесат тужба против дигиталната платформа за резервации на сместување „Букинг“ (Booking.com), тврдејќи дека ги „надувува“ цените на хотелите од 2013 година. Фондацијата за барања на потрошувачите (CCC) и Здружението на потрошувачи во среда ги повикаа граѓаните кои претрпеле штета поради практиките на „Букинг“ да им се придружат.
„Букинг“ со години наплаќа прекумерни цени за хотелски соби, што им предизвика штета на холандските потрошувачи „неколку стотици милиони евра“, тврдат групите. „Нашата истрага покажа дека ‘Букинг’ ги крши прописите за конкуренција и заштита на потрошувачите од јануари 2013 година“, рече претседателот на CCC, Берт Хајкенс.
„Букинг“ не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за обвинувањата на групите на потрошувачи, пренесе Хина.
Хотелите често се согласуваат во договорите со платформите за резервации на сместување преку интернет да не нудат пониски цени на сопствените веб-страници или на конкурентските платформи, прифаќајќи го принципот на паритет на цените.
Европскиот закон за дигитални пазари им забранува на големите онлајн платформи да донесуваат договорни одредби за „паритет“ на цените, а Судот на правдата на ЕУ (ЕСП) во септември минатата година пресуди дека Booking.com потенцијално ја ограничува конкуренцијата со тоа што договорно поставува плафон на цените за хотелско сместување.
Паритетот на цените исто така не е од суштинско значење за економската одржливост на „Букинг“, предупредија судиите, но тоа не претставува прекршување на законот за конкуренција.