Home » Хаос со јавниот превоз во Скопје – Славески и Арсовска наместо да се караат, да земат да работат

Хаос со јавниот превоз во Скопје – Славески и Арсовска наместо да се караат, да земат да работат

by Журнал.мк

Советничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата во Советот на Град Скопје денеска поднесе барање за свикување на вонредна седница, поради сериозноста на проблемот со приватните превозници, кој со месеци ги остава граѓаните на Скопје без функционален јавен превоз.

„Додека претседателот на Советот, Трајко Славески, и градоначалничката Данела Арсовска си ја префрлаат одговорноста за тоа кој треба да го реши овој проблем, граѓаните на Скопје секојдневно се соочуваат со нередовен и дотраен јавен превоз. Наместо да се зафатат со решавање на реалните проблеми, гледаме како ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска водат тригодишна расправија и инает, додека градот тоне во хаос. Да потсетиме, ВМРО-ДПМНЕ беше партијата која ја промовираше Арсовска како „најдобра менаџерка“ и ветуваше дека Скопје ќе стане модерна метропола со бесплатен превоз и 250 нови автобуси. Што добија граѓаните? Наместо модерни решенија, добивме јавен превоз во катастрофална состојба, затрупан град во ѓубре и граѓани оставени сами да се снаоѓаат за основни потреби“ велат советниците од СДСМ.

Според нив, „Виновниците за хаосот во јавниот превоз се советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои континуирано одбиваат да гласаат за набавка на нови, еколошки автобуси. Сега, премиерот Мицкоски ветува само 100 автобуси, за кои, како што е најапсурдно, нема предвидено средства во новиот буџет. Ова е уште една празна и лажна порака до граѓаните. До кога ќе продолжите да ги манипулирате и да се изживувате со нив?“.

Советничката група на СДСМ и коалицијата упатува јасен и гласен апел:

„Итно свикување на вонредна седница на Советот! Граѓаните не смеат да бидат оставени без јавен превоз. Превозот е нивна основна потреба и ние ќе направиме сè за да ги заштитиме нивните права. Ги повикуваме сите советници да ја поддржат оваа иницијатива, да покажат одговорност и да ги надминат политичките игри.

Утрово, претседателот на Советот, Трајко Славески, дури постави нови апсурдни барања – оригинални потписи со пенкало за иницијативата, нешто што досега никогаш не го барал. Истовремено, го повикуваме да престане со процедуралните пречки и конечно да дозволи решавање на проблемите кои го парализираат градот.

Со поднесената иницијатива бараме на дневен ред да се постави решението за јавниот превоз. Очекуваме информација од градоначалничката и секторите на Град Скопје за можностите за брза корекција и враќање на функционалноста на јавниот превоз.

Секој ден одложување е ден повеќе во кој граѓаните страдаат. Јавниот превоз не е луксуз – тој е основна потреба!“.

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk