Home » Грковска-Сидорф: Спортот е моќна алатка за промоција на позитивни општествени промени и вредности

Грковска-Сидорф: Спортот е моќна алатка за промоција на позитивни општествени промени и вредности

by Журнал

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, одржа онлајн средба со Кларенс Сидорф, глобален амбасадор на УЕФА за диверзитет. Сидорф е најуспешниот фудбалер во холандската историја и еден од шесте луѓе во светот, кои Нелсон Мандела ги избрал како „шампиони на наследството“.

Двајцата соговорници се согласија дека споделуваат заедничка визија и заложби насочени кон позитивни социјални промени и дека преку спортот се шират благородни вредности и идеи, кои имаат особено значаен ефект кај младата популација. Имајќи го предвид глобалниот активизам на познатиот холандски фудбалер, таа упати покана до него да ја посети Северна Македонија во наредниот период, оценувајќи дека неговата посветеност и ентузијазам за промоција на вредности и инклузивност во општеството ќе има значаен одек и позитивен придонес во земјата и во целиот регион.

На состанокот се разговараше за можностите за заедничка соработка околу справување со корупцијата во спортот, како и за активности преку кои се отвораат можности за спортување на сите, особено за децата со попреченост.

Вицепремиерката го информираше Сидорф за активностите кои нејзиниот кабинет ги презема во изминатиов период, вклучително и за адресирање на проблемот со корупцијата во спортот во домашната легислатива. Таа се осврна и на потребата за подигнување на јавната свест за адаптирање на спортските објекти во земјата, во насока на овозможување спортски активности за лицата и децата со попреченост.

Кларенс Сидорф стана познат глобален активист по завршувањето на неговата кариера како фудбалер и го користи влијанието на спортот за промоција на позитивни општествени промени и создавање подобар свет, преку неговата Фондација „Шампиони за децата“, основана во 2004 година.

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More