Откако ја завршил петочната молитва, во село Стримница – Желино, градоначалникот на оваа општина Блерим Сејдиу, бил запрен од лице со иницијали Ф.Б. кој му се заканил бидејќи, како што вели Сејдиу, се уште не го вработил. Во тој момент во обид да ја смири ситуацијата интервенирал соселанец, кој се расправал со лицето Ф.Б. Откако градоначалникот го напуштил селото, во центарот на селото, лицето со иницијали О.И. земал нож од селскиот локал и го повредил лицето Ф.Б.
Од обезбедените снимки од ТВ21 се гледа моментот кога Ф.Б. бил пренесен до возило за да се однесе во болница.
Градоначалникот на општината го опиша настанот.
„Бев во џамија, ми се доближи, рече дека треба надвор да разговараме, кога излегов со закани ми се доближи велејќи ми кога ќе го вработам, со заканувачки тон и од физиономијата видов дека не е добар, дека станува збор за лице со психички проблеми, потоа интервенираше друго лице за да го спречи и потоа разбрав дека се вика Орхан, за да го спречи евентуално да не ме нападне и потоа настана хаос при што интервенираа и други лица. Јас заминав и подоцна дознав дека лицето бил нападнат, тешко е повреден, многу ми е жал што така се случило, но граѓаните ме известија дека станува збор за лице со тешки психички проблеми кој бил во Бардовци и е осуден и како име и е познат на полицијата и јас не сум знаел дека ќе бидам мета“, рече Блерим Сејдиу.
Ф. Б. по здобиените повреди бил испратен во клиничка болница во Тетово, а потоа е испратен во скопска клиника.
Од ОЈО велат дека на местото на настанот вршат увид. Потврдуваат дека повредениот е во скопска клиника и уште едно лице е задржано во полициска станица и ќе излезат со дополнителни информации.