Home » Граѓаните да не креваат паника, лисиците не се опасни и не напаѓаат луѓе

Граѓаните да не креваат паника, лисиците не се опасни и не напаѓаат луѓе

by Журнал.мк

Во последните неколку дена се појавија видеа за присуство на лисици во подножјето на Водно, во населбата Козле (мајка со малечки), како и на други места во Скопје. Од „Анима мунди“ апелираат до граѓаните да не креваат паника – овие животни не се опасни и не напаѓаат луѓе.

„Лисиците, како и многу други диви животни, сè почесто се приближуваат до урбаните средини поради загуба на природните живеалишта, уништување на шумите, градежна експанзија и недостиг на храна. Ова не е закана, туку јасен сигнал дека и тие бараат начин да опстанат.

Лисиците се плашливи, интелигентни и претежно ноќни животни, кои се плашат од луѓето и избегнуваат контакт. Присуството на лисици во урбана средина не значи дека се болни или агресивни. Напротив, во многу големи градови, како Лондон, Берлин, Торонто, па и Љубљана, лисиците веќе се дел од урбаната дива фауна и живеат паралелно со луѓето, без никакви инциденти.

✳️Што треба да направите ако видите лисица?
• Не обидувајте се да ја бркате, фаќате или храните;
• Не оставајте остатоци од храна или отворени канти за ѓубре затоа што тоа ги привлекува;
• Ако сте со домашно милениче – држете го на поводник и останете смирени, лисицата ќе избега;
• Пријавете ако видите повредена или залутана лисица.

Лисиците се дел од природата на нашата земја. Нека незнаењето не биде храна за ирационален страв и отпор. Наместо тоа, потребна ни се свесност, почит и разбирање кон овие животни, кои се обидуваат да опстанат. Ве повикуваме да бидеме град што живее во хармонија со природата“, се наведува во соопштението на „Анима мунди“.

„Лисиците се редовни жители на Водно и често се забележуваат и во градските населби, како Жданец, Водно, Козле и Нерези. Забележувањето мајка со млади е јасен показател дека се работи за здрави единки.

Лисиците, како и другите животни, кои се опортунисти во исхраната, лесно може да бидат привлечени во градските и во селските средини од органски отпад, кој не се селектира и не се собира редовно“, коментираат од Македонското еколошко друштво (МЕД).

You may also like

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk