Google подготвува голем исчекор во однос на квалитетот и стабилноста на видео снимките со Pixel 10 серијата
Според најновите извештаи, серијата Google Pixel 10 ја подготвува најголемата иновација досега кај камерата на телефонот — воведување на целосно нова технологија за стабилизација на слика, која би можела да донесе видеа со квалитет сличен на оние снимени со професионален стабилизатор (гимбал).
Информациите откриваат дека сите верзии на Pixel 10 телефоните, вклучително и основниот Pixel 10, Pixel 10 Pro, Pixel 10 Pro XL и преклопниот Pixel 10 Pro Fold, ќе ја имаат оваа напредна функција. Иако Гугл сѐ уште официјално не ја именувал технологијата, се очекува нејзиниот ефект значително да ги надмине класичните дигитални или оптички стабилизатори што денес ги гледаме кај паметните телефони.
Покрај тоа, веќе е познато дека Pixel 10 за првпат во основната верзија ќе добие телефото камера, а најновиот прототип на Pro моделот покажува значително поголем и подебел модул за камерата, што може да укажува на нов хардвер или дополнителни сензори.
Сепак, имајќи го предвид познатиот фокус на Гугл на вештачката интелигенција и софтверската обработка на сликата, можно е новата стабилизација главно да се потпира на алгоритамски методи, наместо на класични механички решенија.
Ако оваа информација се потврди, Pixel 10 конечно би можел да ја исправи долгогодишната слабост на серијата — токму квалитетот на видео снимките — со што дополнително би ја загрозил доминацијата на iPhone во оваа област.
Се шпекулира дека Гугл би можел да ја претстави новата серија Pixel 10 веќе на почетокот на есента.