Google Gemini сега може да закажува активности и да следи повторливи задачи, позиционирајќи се како водечки AI асистент. Apple и понатаму заостанува со Siri, а WWDC можеби нема да донесе очекуван пресврт во вештачката интелигенција
На неодамнешниот Google I/O настан стана јасно дека вештачката интелигенција станува основа на сите Google сервиси: од Google пребарувањето и Gmail, до паметните очила кои сè уште се во развој. Во центарот на вниманието се најде Gemini, AI модел кој би можел да ја преземе водечката улога во трката за најмоќен дигитален асистент, оставајќи ја конкуренцијата, вклучувајќи го и Apple, во втор план.
Gemini сега знае да планира наместо вас
Најновото ажурирање на Gemini AI моделот носи функционалности кои го доближуваат до визијата на вистински персонален асистент. Корисниците со Gemini Pro и Ultra претплати, како и оние што користат Google Workspace пакети за образование и бизнис, сега можат да му наредат на Gemini да изврши задача во одредено време или дури и да автоматизира повторливи активности.
Како што истакна Дејв Ситрон од Google:
„Сега можете да се разбудите со краток преглед на календарот и непрочитаните е-пораки, секој понеделник да добивате пет идеи за блог, или ден по доделувањето на награди да добиете преглед на најважните настани. Само кажете му на Gemini што сакате и кога – тој ќе го заврши останатото.“
Оваа функција го доближува Gemini до визијата за „AI агент“ – личен асистент кој не само што одговара на прашања, туку и дејствува наместо вас.
Apple заостанува: новата Siri најверојатно нема да пристигне годинава
Додека Google неуморно го проширува својот AI екосистем, Apple молчи во оваа трка. Иако уште во 2011 со Siri прв влезе на пазарот на гласовни асистенти, денес Siri заостанува зад ChatGPT, Claude, па дури и зад Gemini – како во разбирањето, така и во функционалноста.
Планираната голема реконструкција на Siri, најавена минатата година како дел од иницијативата „Apple Intelligence“, се соочи со внатрешни проблеми. Тимот што ја развива новата верзија на Siri доживеа промени во раководството, што дополнително го одложува нејзиниот дебит. Според информации од повеќе извори, нема многу простор за оптимизам пред овогодинешниот WWDC, кој почнува во понеделник – Apple можеби и нема што да покаже кога станува збор за вештачката интелигенција.
Трката за „AI агентот“ влегува во клучна фаза
Сите технолошки гиганти моментално развиваат сопствени AI агенти – системи кои разбираат контекст, планираат активности и носат одлуки во име на корисниците. Microsoft го има Copilot, Amazon развива нова верзија на Alexa, а Google сериозно напредува со Gemini асистентот.
Apple, од друга страна, и понатаму се потпира на партнерството со OpenAI, но не развива сопствен AI модел што би можел да конкурира. А за компанија позната по „контролата на целокупното корисничко искуство“, тоа е значаен стратешки недостаток.
Со Gemini, Google не сака само да одговара на прашања – туку да ви го организира денот, да пишува блогови, да следи спорт и да испраќа потсетници – целосно автономно. Ако Apple не покаже некаква револуција на WWDC, лесно може да остане надвор од играта во новото поглавје на дигиталните асистенти.