Големи делови од Шпанија и Португалија денеска останаа без струја. Шпанскиот оператор на електричната мрежа „Ред Електрика“ потврди дека има прекини во електроснабдувањето низ земјата.
Шпанската национална железничка компанија „Ренфе“ кажа дека сите возови се запрени и нема заминувања од станиците. Локалните медиуми објавија дека во центарот на Мадрид се создал сообраќаен метеж зашто не работат семафорите. Во прекин се и мечевите на тенискиот турнир Отворено првенство на Мадрид.
На мадридскиот аеродром „Барахас“ се одложени летови, а погодено е и метрото во Мадрид, Барселона и Севилја.
Во Португалија, полицијата кажа дека е затворена подземната железница во Лисабон и Порто, возовите не сообраќаат и не работат семафори. Струја снемало и во соседната Андора и во пограничните делови на Франција.