Продажбата на автомобили во Европската унија драстично опадна во август, а благо се намали во Хрватска, за прв пат по нешто повеќе од две години, покажаа во четвртокот податоците на здружението на производители на автомобили ACEA.
Во август во ЕУ се регистрирани само 644.000 нови автомобили, за 18,3 отсто помалку од истиот месец лани, пресмета ACEA.
Во јули, продажбата стагнираше, по скромниот пораст од 4,3 отсто во јуни, кој означи крај на четиримесечен период на послаби резултати.
Сите четири водечки пазари, пишува Хина, забележале пад во август, а најмногу е намалена продажбата во Германија, за 27,8 отсто. Блиску е и Франција, со 24,3 отсто помалку регистрирани нови автомобили од претходната година.
Италија, исто така, забележа двоцифрен пад, за 13,4 отсто, додека продажбата најблаг е намалена во Шпанија, за 6,5 отсто.
Според податоците на АЦЕА, во август во Хрватска се регистрирани 3.341 нови автомобили, што е за 4,6 отсто помалку во однос на истиот месец лани. Така, според ACEA, продажбата се намалила за прв пат од јули 2022 година.
И европскиот пазар на електрични автомобили падна во август, за дури 43,9 отсто, пресмета ACEA, по падот од 10,8 отсто во претходниот месец.
Продажбата во Германија и Франција, двата најголеми европски пазари, паднала за „спектакуларни“ 68,8 односно 33,1 отсто, посочуваат од асоцијацијата.
Во такви услови, уделот на електричните автомобили на батерии на европскиот пазар се намали на 14 отсто во август, од 21 отсто во истиот месец од 2023 година.