Home » Го препознавте ли вистинскиот патриот

Го препознавте ли вистинскиот патриот

by Журнал.мк

Ерол Ризаов

Во вревата што ја креваат илјадници самопрогласени патриоти тешко е да се види вистинскиот патриот, обичниот мал човек што чесно си ја работи својата работа, ги плаќа своите давачки, го полни буџетот.

Во деновите на зимска пролет на ридот што ги дели Гази Баба, Бутел и Чаир на прекрасната голема полјана го сретнав мојот комшија како во кеси го собира ѓубрето што зад себе го оставиле некои несовесни „љубители“ на природата. Му велам на шега, си станал вистински патриот. Не, рече, патриотите вчера си направија убав викенд, јадеа, пиеја, пееја и си заминаа весели. Сега јас го собирам нивното ѓубре да го скријам и нивниот и мојот срам. Има овде и канти за отпадоци, ама ете, нè има и такви кои љубовта кон татковината не ја препознаваме во тоа да ја сочуваме нејзината убавина, ако ништо повеќе барем да си го фрлат своето ѓубре, беше резигниран комшијата, за кој дознав од други дека често го прави ова, да го чисти туѓиот срам што го доживува како свој и наш.

Оваа случка ме потсети на нешто што ќе ми остане во сеќавање до крајот на животот.

Пред повеќе од половина век бев војник во Словенија. Последните неколку месеци од воениот рок, кој траеше една година, го поминав на една караула на Алпите близу малограничниот премин Езерско-Целовец или како што го викаат Австријците – Клагенфурт. Од првиот до последниот ден речиси секојдневно откривав колку Словенците си ја сакаат својата земја. Тоа не беше само нивниот однос кон природата. Она што го видов во тие мали селца и населби од по неколку куќи, во нивните мали гратчиња, за мене беше голема лекција и неизбежна измачувачка споредба што трае до ден-денес, со прашањето без рационален одговор зошто и кај нас не е така.

Така се сака татковината

Прво да почнам од куќите покрај патот и на ридовите. Не се ни касарни, ни гимназии, ни хациенди, ни кули, како на нашите грамзиви новобогаташи, туку убави куќички извонредно вклопени во природниот амбиент. Дворови едноставни и зелени, кои кажуваат за менталитетот на домаќините. Пред секоја куќа по некоја чиста бела канта, која во одредено време ја презема цистерната на млекарницата. А, околните ридови ми личеа како да ги потшишувал бербер.
И кога во ноември почна небото да истура снег и кога околу караулата имаше речиси еден метар снежен нанос, најголемото изненадување ми беше што на патот од Крањ, па сè до границата со Австрија, немаше ниту снег ниту мраз.

Цела вечер работеле надлежните служби, помогнати од пожарникарите и граѓани доброволци. Така цел ноември, цел декември до пролет. Врне, врне, се чисти, се чисти постојано.
На караулата пристигнаа ловџии без пушки, натоварени со храна за дивите животни, заедно со неколку војници заминавме да им помогнеме и да го исчистиме убаво снегот околу хранилките за животните. Да не ви раскажувам колку им се убави и пријатни кафеанчињата накај Блед и Крањска Гора и какви градини им се гробиштата, на што еден нашинец кога ги виде, извика: да ти е милина да умреш!
Околу 20 дена лежев и во болница во Мосте – Љубљана, имав хируршка интервенција на нешто што го влечев и одложував уште од пред војска. Како обичен војник имав ист третман како офицерите со највисок чин-генерали и полковници. Хигиената и односот на персоналот кон болните беше нешто како што го гледаме во денешните странски серии за случувањата во болниците.

Во Словенија пред 50 години научив дека сакањето на татковината не е однос само кон природата, туку многу повеќе од тоа, во воспитувањето почнувајќи од бебиња, во образованието, во културата, љубовта, има туку уште многу нешта што треба да се учат, а и да се потсетиме на некои работи што сме ги знаеле и применувале, ама сме ги заборавиле под наездата на лагите и разните пропаганди кои ја воздигнаа политиката и политичарите како наша најзначајна грижа.
Дали некогаш сте се прашале како се препознава во мир вистинскиот патриот и како треба да се сака својата татковина во време без војна. Кои се тие човечки особини што го одредуваат нивото, степенот, количината на љубов кон својата земја.
Дали е тоа, на пример, чесноста, работливоста, образованието, културата, односот кон семејството, кон традициите, кон државата. Дали е патриотизам да плаќате редовно даноци и придонеси, да ги воспитувате своите деца да бидат хумани и чесни, да учат, да ги почитуваат различните од себе.

 Не ги препознаваме вистинските вредности

Дали е патриотизам ако со работа сте стекнале богатство и вработувате повеќе луѓе што редовно за тоа се наградени со добри примања и платени придонеси, дали е патриотизам да стипендирате талентирани ученици и студенти, да изградите детска градинка, или училиште, амбуланта, болница, пат, водовод, да купите на аукција светски ремек-дела и да се оддолжите на татковината со тоа што ќе ги подарите на некој од музеите… Можеме до утре да набројуваме стотици примери на патриотизам што се практикуваат со лични пари и донации во светот, а кај нас ги има колку на прстите од едната рака и во многу поскромни рамки. Колку луѓе од вашето опкружување познавате кои имаат вакви патриотски достигнувања?
Нашиот најголем проблем е што во изминатите децении на независност исчезнаа критериумите во јавноста, што е тоа вистински патриотизам во мирно време и при изградба на демократско општество.

Не можеме повеќе да го препознаеме оти изумре вистинскиот патриотски однос и кон државата, но и кон сè она што значи љубов кон татковината и луѓето. Го убија патриотизмот лажните патриоти со новоговор пропагирајќи херојство и јунаштво небаре сме во војна со домашните предавници и надворешни непријатели.
Слушаме 24/7 говори што повикуваат на единство зад кои се препознава само повик на делби и омраза, говор кој повикува на епохални откритија за посебноста на својот народ со идентитет од пред 3000 години. И конечно постојано ечи силна тревога за спасување на Македонија од опасноста за губење на идентитетот, јазикот, писмото, историјата, опасност од асимилација и бугаризација, опасност од домашни непријатели и странски платеници, опасност од дволичната и протекционистичка Европа, опасност од Америка и НАТО, опасност од сè што мисли поинаку од врховните патриоти.
Во вревата што ја креваат илјадници самопрогласени патриоти тешко е да се открие вистинскиот патриот, обичниот мал човек кој чесно си ја работи својата работа, ги плаќа своите давачки, го полни буџетот, ги школува своите деца.

И се разбира ги храни трутовите, лажните патриоти што постојано се повикуваат на него за да можат во името на народот да лажат и крадат.
Почнуваат да лажат веднаш штом го спомнат народот. Всушност и по тоа ќе ги препознаете, а изустат народ веднаш следува лага. Никогаш нив не ги интересирал народот, туку само власта и престолот. Никогаш не ги интересирала иднината, туку само минатото и тоа онака како што е наталожено во нивните глави од преданијата и идеологизираните истории.

Што беше тоа да се има образ

Трагедијата на македонското општество е во тоа што е изгубена перцепцијата во јавноста за тоа, не само кој е вистински патриот, туку што е вистинско образование, култура, етика, вистинско новинарство и медиуми, што е чесност, правда и право, што е морал во деловноста, што некогаш се викало да имаш образ.
Знаеме ли кои се идолите на младите луѓе, дали се тие кои успеале да натрупаат огромни богатства во сомнителни околности. Тие ли се нивните херои на кои никој ништо не им може, или, пак, политичарите што им ја овозможиле и ја споделиле со нив таа моќ и богатство, и тие кои не се симнуваат од екраните и социјалните мрежи секоја минута проповедајќи за криминалите и злоделата на своите политички противници од што треба да се подразбере нивната голема чесност. Се разбира, притоа ветувајќи цврсто дека ќе го искоренат тоа најголемо зло во земјата откако ќе дојдат на власт. И така едно 32 години истата приказна за успивање на својот омилен народ.
Никако да го слушнам ниту прашањето ниту одговорот: кога повеќе се ограби Македонија и кога повеќе злодела се направени – за време на вашите 16 години владеење и исто толку време кога бевте моќна опозиција, или во 16-те години на вашите политички противници на власт и во опозиција. А, и зошто некој би поставувал такво глупаво прашање кога сето тоа стана небитно и здодевно, а одговорот се подразбира. Единствената мерка за херојство стана да се појде кај своите телевизиски канали и на социјалните мрежи и да се распали со жесток напад врз предавниците и непријателите на Македонија. Браво за таквото јунаштво на кое не се заканува никаква и од никого опасност. Демек слушнавте ли, видовте ли како им ја расплака мајката. Алал да му е, им тресна се во лице.
Тоа е нивото на политичкиот натпревар во кој од големиот дим на испукани ќор-фишеци на празно не се гледа иднината на државата. Секоја власт не е имуна на грешки и злоупотреби, ама големите стратегиски грешки што се направени во изминатите 32 години на независност се трагични. Македонија веќе требаше да одбележи 20 години членство во НАТО и во ЕУ и да достигне многу повисоки стандарди на квалитетен живот на своите граѓани. Тој лажен патриотизам во кој не веруваат ни идеолозите што го проповедаат направи пустош во главите на луѓето и ја врати Македонија сто години назад.
Денес и по три и повеќе децении независност пак сме на истото дереџе, ако не и бетер. Прво велеа ќе ни кажале самопрогласените победници во кој правец ќе одиме по изборите. Сметаа ако ја кажат вистината ќе се узнае лагата. Затоа со немушт јазик дрдореа како папагали една иста реченица сите сме за Европа, ама со достоинство и со национална гордост и не по секоја цена.

Ќе направиме подобри договори и со соседите и со Европа. Така беше до вчера. Кога увидоа дека климата се менува со наближување на изборите и оди во правец на избор меѓу Европа и останување во балканскиот батак, преку ноќ ја сменија плочата.
Отидоа во Букурешт на состанок со сестринските десничарски партии и таму испеаја друга песна, Европа била светилник, а ЕУ е нашата светла иднина. Се вратија како најголеми Европејци. И сега се прават „на Тошо“. Францускиот предлог бил голема лага, а изборите во мај не се избори помеѓу Европа и изолација. Христијан Мицкоски лидерот на ВМРО ДПМНЕ кој веќе од 2017 се гледа како премиер вели ова биле избори меѓу Ахмети, Груби, Османи, Зечевиќ, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски од една страна и ВМРО ДПМНЕ и коалициските партнери од друга страна. Граѓаните ќе бираат во каква држава сакаат да живеат. Така е, само сакаат да дознаат каква држава нудите вие. Онаа откако се вративте од Букурешт, или онаа што ја блокирате со години да не стаса во ЕУ.
Ајде бре, одите продавајте ислужени коњи по Банат. Престанете со таа лага со опашка. Едно е сто отсто сигурно, ако изгубат на изборите, пак ќе ги блокираат реформите за членство во ЕУ, за случајно да не скршне Македонија од нивното беспаќе. Ако победат ќе гледаме римејк од ерата на груевизмот.
Ете тоа се нашите патриоти, кои нема да постојат ако не измислат предавници и непријатели.

Преземено од Дојче веле

You may also like

About Us

Журнал МК е независен информативен портал.

Адреса: 8 Ударна Бригада 20б, Скопје, МК
Телефон: + 389 2 3217 815
Email: info @ zurnal.mk

@2022 – All Right Reserved. Designed and Developed by Anet.com.mk

This website uses cookies to improve your experience. We'll assume you're ok with this, but you can opt-out if you wish. Accept Read More