Студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје со години важи за еден од најстарите и најзапуштени студентски објекти во државата. И покрај тоа што секој месец 950 студенти плаќаат 3.600 денари за сместување, цена која е непроменета уште од 2001 година, условите во домот и понатаму отвораат сериозни дилеми околу квалитетот на студентското домување.
Видеото на кое се гледа глувец во еден од тоалетите, а кое брзо се прошири на социјалните мрежи, повторно ја разбуди јавноста и уште еднаш ја стави под лупа состојбата во државните студентски домови. Управата тврди дека станува збор за „изолиран случај“, но самата состојба на објектот сведочи дека проблемите се многу подлабоки и многу постари.
„Животот во домот е претежно добар, со другарство и атмосфера што те мотивира да учиш, но понекогаш е тешко кога гледаме проблеми што требало да бидат санирани одамна. Јасно е дека домот е многу стар ама требало да биде реновиран одамна не сега, меѓутоа и покрај тоа условите се до некаде во ред,“ вели еден студент од Пелагонија, кој сака да остане анонимен.
Директорот Орхан Алиу уверува дека се прават напори и дека долгот е намален од 24 на 18 милиони денари, но студентите кои ги затекнавме не кријат дека проблемите се многу подлабоки и дека без вистинско реновирање ситуацијата тешко ќе се смени.
„Зградата е стара, ама е многу сочувана. Планирано е нејзино темелно реновирање. Како викаат старите – од стара баба убава мома не бидува,“ додава тој.
Управата најавува и нови мерки: чистење и оспособување на подрумите и магацините, со идеја подоцна да се изнајмат на компании како дополнителен приход. Но останува отворено прашањето дали ваквите чекори иако корисни се доволни за решавање на проблеми што траат со години.
За студентите, реновирањето одамна не е луксуз, туку неопходност. А видеото со глувецот само потсетува на нешто што тие го повторуваат со години: дека достоинственото студентско домување треба да биде правило, а не исклучок.








